СТОПАНСТВОТО ВО „OUT“
Со влезот во НАТО и ЕУ ќе ни процвета стопанството, ќе почне забрзан раст и развој и набргу ќе ги стигнеме развиените, европски, капиталистички држави. Ветување на Владата кое повеќе од две години го слушаме, но се помалку и помалку му веруваме.
А како да веруваш на некој што се што ќе каже, ќе го преврти и го негира веќе кажаното? Просечна плата од 500 евра ќе имаме во 2018, 2019, 2020 или никогаш? Изборно ветување, повторувано и повторувано, а во меѓувреме со изгубена смисла. Па зарем оние 1% од населението што ни зафаќаат 14 % од БДП, ќе ни ја поправат реалноста околу паричните примања на населението? По принцип нас и Кинезите заедно не има милијарда и пол, така и оние кои примаат милиони ќе ни ја поправат сликата за просечната плата на илјадниците кои ни 10.000 денари плата не примаат. Разликата е евидентна, ама како што велат од Владата-Просечната плата од 500 евра е достигната, само што тоа граѓаните уште не го чувствуваат.
А што да чувствуваат гладните и понижени, кои секој ден проверуваат по контејнери, небаре еден од оние 1% ќе им ја остави нивната просечна плата таму? Ситиот на гладниот не му верува. Ама кај нас може да се каже и дека народот на Владата не смее да и верува. Па после Втората светска војна, досегашните политичари ни се второ најголемо зло што ја има погодено нашата земја. Тие имаат убиено или протерано илјадници наши сограѓани, се во име на подобар живот.
А целата реалност овде ни е само розева на државните телевизии. Народот кој крај со крај не може да прикрпи, се покажува како стандарден европски државјанин, кој повеќе се залага за мир во светот и гладните деца во Африка (како манекенките), отколку за сиромаштијата во сопствениот двор.
Пропагандата на Владата е на најјако, но ние граѓаните секој ден ја чувствуваме суровата реалност. Нели се земаат кредити од меѓународни институции и се пуштаат државни благајнички записи за гола исплата на плати и пензии, без можност истиот позајмен капитал да се мултиплицира и да ја придвижи економијата-само едно е јасно. Нема подобар живот овде ни сега, а ни во блиска иднина. Само расне јавниот долг, кој ни тежи на грб на сите нас, а не само на богатите. Толку од социјалната правда. Утопистичка, но недостижна.
А нашите работници во текстилната, кожарската и чевларската индустрија уште ни до минималната плата од 12.500 денари не можат да дојдат. Епа сега кога Кинезите за иста работа земаат 350 евра, прашање е кој е овде реално најевтина работна сила во светот? Кинезите забранија производи од Грција на кои пишува македонски, но ако дознаат за платите на нашите работници, ќе забранат и увоз од нашата Македонија. Изговор ќе им биде – бесправна експлоатација на човечки труд под секое човеково достоинство.
А странските инвестиции-само пристигнуваат и пристигнуваат. Веќе не можеме ни да ги примиме сите заинтересирани. Ќе мора да направиме и Министерство за странски инвестиции, кое ќе биде задолжено за селекција на подобни и неподобни, секако во зависност од провизијата која ќе треба функционерите да ја земат. Таму секако ќе ги вработиме најспособните-семејствата на функционерите од прв ешалон. Ним најмногу им се потребни пари и тие секако најдобро знаат како до нив. Тие навистина „ги ценат“ државните пари, затоа што „им се дадени од ГОСПОД“.
Толку време на власт, а да не се отвори ниту еден нов индустриски објект, да не се вработи ниту еден работник, а без да биде проследено со афери и подмитување е единствен успех, кој до сега непобитно е постигнат.
А стопанството? Кое стопанство? Па ние сме во тешка и длабока рецесија со години наназад и тешко дека овде има доволно паметни луѓе што би сакале да се заземат за да се бара излез. Сите ја гледаат безизлезноста и немањето иднина со визија што и како денес да се менува. Така да уште ни важи она што им го кажуваме на нашите деца – Учи, да не работиш!!! И навистина нема да работат. Ќе си бидат социјални случаи во ,, социјална“ држава.
Автор: Перица Спасовски, претседател на Граѓанско Демократска Унија- Куманово
