СТРАНСКИ СЛУЖБИ ИЛИ МРАЧНИ СИЛИ

Како одминува времето се почесто стануваме држава за потсмев, и никако да престанат овие сестрински партии да ја понижуваат нашата држава. Како млад човек ќе го издржи овај налудничав пристап, каде двете наjголеми партии дават искази за некакви „странски служби (жолти комбиња)“ и „мрачни сили“? И послe се прашувате зашто младите бегаат? После се прашувате зашто Македонија ја губи својата иднина? Еднаш напоменав, но има простор за уште многу пати, решението го немате, бидејќи вие сте проблемот.

„Странските служби“ се повлекоа, а пак сега на сцена стапуваат „мрачните сили“, впрочем и не сме така далеку од вистината. „Странските служби“ беа самите ДПМНЕ кои заглавија до гуша со криминал, а пак „мрачниве сили“ претераа малку со рекетот. Но најсмешно од сѐ е тоа што има радост на странава на „странскиве служби“, чинам се радуваат и се повикуваат на карма. Тешки денови за секој Македонец каде е приморан да се насмее на вакви злодела кои стануваат секојдневие во нашите животи. На момент имам чувство дека сме во некое риалити шоу и секој ден има по некој нов скандал. Жалосно и исцрпувачки нели?

Ова е премногу дури и за партиските војници. И за целата работа да биде понапната, токму сега сите одмараат, токму во моментов кога државава ја тресе еден од најголемите скандали во историјата. Владата одмара, премиерот одмара, обвинителките одмараат… Но најважно е што Бојан Јовановски (Боки 13-ка) е во зандана, па нема простор за страв, нели „незапирливиот“ го запреа. Тешко дека и самите веруваат во овие мали трикови, а уште потешко да разберат дека доаѓа крајот на овие рекетарски игри.

И за крај, барем да се договоревте да се синхронизирате за да не бидете сите вака во лага фатени. Ех, што би рекол унгарскиот писател „шилото боде, боде и на крај ќе излезе на површина“. Уште малку остана!

Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид