Тоталитарна демократија
Facebook статус на Никица Корубин
Историјата познава разни форми на владеење, во различни периоди и различни култури. Но, ако ја симплифицираме приказната, се’ се сведува на едно: кој ја носи одлуката за другите и во име на другите. Еднината употребена во претходната реченица, секако не одговара на реалноста сега, а ниту целосно во минатото, но се чини дека одговара на сржта на “реалноста” во која живее нашата партократија. Како поинаку да се разбере јавниот дискурс кој секојдневно, формално во уставна парламентарна демократија, не’ сместува во “светот на лидерите” (и лидерските средби)?
Таа животна потреба за “лидер” значи “еден” кој ќе решава, оној ќе “пали и жари”, ќе размислува и одлучува наместо сите нас, е потреба на нашите “кланови” (медиумски, политички, бизнис, академски, експертски) или на граѓаните? Затоа што тој “лидерот” вака поставен на пиедесталот, никако не се вклопува во било каков систем, па така и нашиот систем на три власти: парламентарна, извршна и судска.
Па, за кои лидери тогаш константно се зборува, чии се, односно на што се тие “лидери”? Дали на пример “лидерот на опозицијата” му доаѓа како паралелна власт, на “лидерот на позицијата” кој треба да биде власт над власта? Па, така седнати заедно со еднаква моќ, решаваат за судбината на поданиците. За жал, толку накарадно изгледа одомаќениот жаргон “лидер”. Но, сепак пострашно е што воопшто не станува збор само за “изглед”, туку и за очигледна намера и реализација на истата.
Како поинаку да се свати константната небулоза и лага реафирмирана деновиве во периодов на “лидерска партократија”, дека “власта прифатила Бугарите да влезат во уставот, иако знаела дека нема 2/3 мнозинство за промена на уставот”; слично или уште побесмислено, ламентацијата дека “опозицијата не учествувала во гласањето на Преспанскиот договор, уставните измени или Договорот со Бугарија, што значи дека нема обврска по истите”.
Таа свесна манипулација, освен што крие неможност за прифаќање на очигледното: демократијата подразбира воља на мнозинството; ја крие и страшната тоталитарна свест со која се практикува таа иста демократија кај нас. Односно не се практикува воопшто, “демократија со сила”, која како последица ја има токму суштински суспендираната парламентарна демократија, нефункционален систем и заробена држава, во смисла на нејзина партократска узурпација.
И токму таа извртена, тоталитарна свест, не сака, не може и не и одговара да прифати, дека одлуките ги носи системот, односно парламентот (пратениците по сопствена воља), и дека обврските се на државата, а не на партијата. Затоа што ако има држава како систем, нема партија како наметнат систем, партократија. А, ако нема партократија нема ни “лидер”.
На која тогаш “средба” ќе се договараат површните, проѕирни игри за “балансот на моќта”, легитимацијата и изгубениот кредибилитет, “прочистувањето и простувањето”, “есапот и пазарот”, калкулацијата со нашето време, нашата реалност и нашата иднина? Држава сведена на партократска матрица.
Но, на крајот кога ќе се (до)купи ограниченото време, и кога позициите ќе се завземат, а дискурсот ќе се (до)монополизира, реалноста ќе ги разбуди сите: и лидерите, и лидерите во обид, и поданиците, но и граѓаните. Обврските на државата ќе бидат на истото место каде што ги оставивте пред една година. Времето помина, ама и плаштот на “невидливост и глума” падна. Сите се “соголени”, во намерите и постапките. Лидери или држава? Белким, до сега стана јасно дека не може и едното и другото. Демократијата не е лесна работа, но е корисна. За сите нас, освен за лидерите.

