|

Трамп го повика Ердоган да престане со купување руска нафта, најави можност за укинување на забраната за F-35

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го повика турскиот колега Реџеп Таип Ердоган да престане да купува руска нафта поради војната во Украина. Истовремено, тој најави дека можно е да ја укине забраната за продажба на американски борбени авиони F-35 на Анкара, јавува БГНЕС.

Ердоган ја оствари својата прва официјална посета на Белата куќа од 2019 година – истата година кога Вашингтон ја исклучи Турција од програмата за F-35 поради набавката на рускиот противвоздушен систем С-400.

Трамп изјави дека со Ердоган ќе разговараат „многу сериозно“ за надминување на спорот околу авионите и дека е подготвен да ги укине санкциите против Анкара доколку средбата заврши успешно.

Американскиот претседател го стави акцентот и на клучното прашање – Украина. Турција одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Москва и дури го зголеми купувањето руска нафта, јави АФП.

„Би сакал тој да престане да купува каква било нафта од Русија додека Русија продолжува со овој погром“, рече Трамп на почетокот на дводчасовната средба во Овалната сала.

Тој нагласи дека Ердоган е „многу почитуван“ и од Владимир Путин и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, и дека „може да има големо влијание, ако сака. Во моментов е многу неутрален“.

„Најдоброто што може да го направи е да не купува нафта и гас од Русија“, додаде Трамп.

Турција е четвртиот најголем трговски партнер на Русија, според европскиот институт „Bruegel“, кој лани регистрирал размена вредна 52 милијарди долари – најмногу фосилни горива и електроника.

Трамп, кој претходно оваа недела изјави дека сега верува оти Украина може да ја добие војната, повика западните сојузници да престанат со купување руска нафта и гас, пред да воведе нови санкции кон Москва.



Слични Објави