| |

Третиот протокол

Никица Корубин

Како да се “исчисти житото од плевелот” или да се “соберат расфрланите пердуви”; станува егзистенцијално неопходно во демократско општество, каде вистината или барем навремената информација – ја прават “малата” разлика во исклучително турбулентно и динамично време – помеѓу целосна не-свесност и делумна информираност за она што фактички се случува. Во секој случај ситуацијата со сознанијата е сива, што е секако подобро од црна. Како метафора на “заслепеност” од манипулации, трикови и спинови.

Па, всушност токму хуморот и иронијата, стануваат алатка за соочување со крајно сериозни теми; каква што беше на пример “досетката” на албанскиот историчар Нури Беџети во однос со целиот (пара)институционален миш-маш со имињата на улиците во Тетово и нивната децениска дуалност и сегашна чиста “југословенска” форма; да го реши со именување на градскиот плоштад во Тетово по Владо Черноземски, член на историското ВМРО и атентатор на кралот на тогашната кралство Југославија, преку паралела на историски личности славени во Косово и заборавени кај нас, за идентичен историски период со идентични последици. Па, вели:

“Значи, зборуваме за истото време, времето на Азем Бејта. Максимумот што го направија качаците во Косово беше убиство на еден жандарм. Нели е така? Додека овие од ВМРО, кои сега владеат со Македонија, го убија кралот на Србија. Затоа Тетово како град, како ‘папок’ на Албанците, треба да го чествува Владо Черноземски со споменик. Со тоа ќе им ставиме до знаење дека Македонија е независна држава, дека нема ништо со Србија. Тоа се впрочем и идеалите на ВМРО“.

И ова може да се третира и како провокација и како сугестија, но всушност е совршен лајтомотив за односот кон “историјата базирана на факти” наспроти “подобниот историски наратив” каде што југо-носталгијата (која имплицитно секогаш се однесувала на СФРЈ после 1945, каде што Македонија постои како политичка форма), се (ис)користи како алатка за, веќе, експлицитно навраќање на кралството Југославија (каде што Македонија не постои како политичка форма). И тоа е сржта на наводната “идентитетска загрозеност”, која својата најголема (несовладлива) контрадикција ја наоѓа, токму во односот кон историското ВМРО.

Но, не “македонскиот однос кон ВМРО”, туку “српскиот однос кон ВМРО” кој разбирливо од нивен аспект е длабоко трауматичен и поради убиството на кралот и поради целиот конфликт (и терор) на територијата на Македонија (и Стара Србија). И токму тоа прашање, совршено го илустрира историчарот Нури Беџети, преку својот предлог, кој може да се толкува на повеќе начини, но се сведува главно на “слонот во стакларницата” или очигледното: зошто српските историски трауми да бидат и наши (македонски и албански), особено кога во определени историски периоди сме биле нивни директни жртви? Дали историски-научно, како теза може да кажеме дека таква тешка (и де факто терористичка одлука), била донесена како резултат на тогашна “етничка и егзистенцијална” загрозеност?

Но, ова “сивило”, да не речам “мрак” во отсуство на научен, медиумски и општествен третман на легитимни историски теми со редовна “дисциплинирање и сатанизирање”; всушност (квази-научно) ја негува (и штити) темата за “идентитетот” неговата “загрозеност” и го држи општеството информациски и култоролошки “заробено”, парадоксално во време на целосна дигитализација и масовен пристап до оригинални историски документи, покрај семејните усни преданија. И директно ја оневозможува политичката еманципација на нашите политички и општествени “елити”, наметнувајќи им само-цензура во наметнатиот модел на подобност.

И токму во тој модел, прифатлив е целиот “дијапазон и след” на контрадикторен и контролиран наратив за сите клучни стратешки договори (Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Охридскиот рамковен договор); кој ги третира од аспект на “изгубено југословенство”, а не “стекнато македонството”, но, сега прецизирано, не она федеративното, туку она кралското. Каде југо-носталгијата е искористена како единствена можна идентификациона точка (за Македонците) на “признавање, правила и стандарди”.

И оттаму е логичен антагонизмот кон македонско-бугарските односи (идентично може да се каже и за македонско-албанските односи внатре), самиот Договор со Бугарија и неговата примена. Затоа што, освен што преку договорите се дефинира и де-монополизира (во однос на географскиот и историскиот регион Македонија) современата држава Северна Македонија, таа културолошки и цивилизациски се враќа во “медитеранскиот културен круг” – меѓу другото и преку припадноста на црквата кон Вселенската патријаршија.

И самата активна примена на договорите го овозможува пријателството на државите и ре-активирањето на старите (древни) комуникациски и култоролошки односи помеѓу самите граѓани, односно историски народи. “Медитерански културен круг” кој досега длабоко временски во минатото, но никако длабоко просторно на север, што не’ прави во одредени временски периоди и негова своевидна граница.

И затоа главното политичко прашање не е, дали “вториот протокол” е дел или не од преговарачката рамка (дури и како хипотеза е бесмислено) – бидејќи цел договор е дел од преговарачката рамка – во манипулацијата за условеноста при процесот на преговарање по поглавја; туку главното политичко прашање е зошто до сега нема “трет протокол”?

Како доказ за автентична воља за спроведување на договорите и директно адресирање на сите потенцијални грижи. Бидејќи, токму комуникацијата (или отсуството на истата) е она што ќе не’ спаси или ќе не’ уништи. Метафорички, информативно, реално како функционално европско општество. И како земја членка на ЕУ, која историјата ја “чита” исто како и сегашноста: преку факти, а не заблуди.

Слични Објави