Трипуновски: Еден месец по невремето во Делчево, никој од власта не ги посети земјоделците
Триесет дена по невремето во Делчево, никој од власта не најде време да ги посети земјоделците во Делчевскиот Регион, истакна претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.
„Денеска сум на средба со земјоделците од Делчево и еден месец по невремето што го зафати овој регион, разговараме со земјоделците за последиците од тоа невреме и за негрижата на МЗШВ и Владата кон земјоделството. Речиси 30 дена никој од надлежните институции, па ниту министерот не најде време да го посети овој регион, да поразговара со земјоделците и на сите оние што имаат поднесено барање до Општината веднаш и интервентно да им се исплатат штетите што ги претрпеа во ова невреме“, рече Трипуновски.
Тој апелира до министерот Николовски, до премиерот, до целата Влада, веднаш на некоја итна седница да донесат одлука за обесштетување на овие земјоделци што претрпеа сериозни штети од невремето, но и исто така на таа седница треба одлука и за обесштетување од минатогодишните штети во овој регион, а сè уште земјоделците го немаат добиено обесштетувањето.
„Ако сакаме да го задржиме земјоделството, ако сакаме да го поткрепиме македонскиот земјоделец, треба да бидат приоритет тие, да не биде луксузот и трошењето државни пари на скапи автомобили и луксузирање на државен трошок.
Ние како опозиција постојано наредниве месеци, како и во минатото, ќе бидеме сериозен коректив и она што постојано го повторувам е дека во иднина некој за ваквата несериозност ќе поведе одговорност, односно некој ќе треба да одговара затоа што го исчезнаа македонскиот земјоделец, го уништија македонското земјоделство, а Македонија ја направија увозно зависна од храна“, рече Трипуновски.
