|

Труење на ученички во најмалку 52 училишта во Иран

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди објави дека труење на ученички, од кои ниту една не починала, е регистрирано во најмалку 52 училишта во земјата.

Министерот ја повика јавноста на мир и смиреност и го обвини „непријателскиот медиумски тероризам“ за ширење паника за овој случај, пренесе иранската државна агенција „ИРНА“.

Агенцијата АП забележува дека иранскиот претседател Ибрахим Раиси најави покренување на истрага, дури откако случајот со труење на ирански ученички го привлече вниманието на меѓународните медиуми.

Според Би-Би-Си, во Иран досега се регистрирани најмалку 650 случаи на труење на ученички, од кои, за среќа, ниту една не починала.

Државните медиуми шпекулираат дека опозициските групи во егзил или странските сили стојат зад овие случаи на труење, кои започнаа во ноември минатата година во градот Ком, свето место за шиитските муслимани, според АП.

Новинарите на иранскиот весник „Етелат“, пишуваат дека „верниците“ изразиле став дека „треба да се забрани образованието за девојчињата“ и се заканиле дека ќе ги отрујат ученичките низ Иран доколку останат отворени училиштата за девојки.

Дури и по Исламската револуција во Иран во 1979 година, образованието за жените никогаш не беше доведено во прашање, стои во написите.

Техеран претходно апелираше до соседен Авганистан под талибанската влада да им дозволи на девојчињата и жените повторно да одат на училиште, додава американската агенција.

Слични Објави