|

Уставни промени за власт?

Facebook статус на Никица Корубин

Декларативноста во искажаниот став на нашите политички партии во однос на евроинтеграциите, како радикален пристап, не секогаш означува суштинска заложба. И тоа нема никаква врска со позицијата која ја имаат во дадениот момент, опозиција или власт, иако практикувањето власт само по себе подразбира и барем минимално суштинско чинење, но и неизбежно “формално чинење” во сразмерно поголем обем. “На зборови” сите се за ЕУ, но дали се и “на дело” веќе не е прашање на перцепција, туку прашање на преживување на нормално општество, кое е неопходно за воопшто да ја водиме оваа дискусија. Но, дали и “ЕУ на зборови” е прашање кое е идентично и за политичка партија во опозиција и за политичка партија на власт?

Пред скоро една година сите, речиси унисоно, се согласија за уставните промени, за влез на Бугарите во Уставот, кога тоа воопшто не беше официјално барање на ЕУ. И можеби токму поради тоа беше и комотноста во позицијата, да “се расфрлаат со ветувања” (не)знаејќи дека тоа ќе биде услов за државата, односно, со партократскиот речник, за партијата на власт. Затоа што не знаеа кој ќе биде власт во следните неколку месеци, во ситуација на сериозен обид за промена на мнозинството во парламентот, па сите мораа да “глумат власт”, односно да бидат одговорни политички чинители, без простор за импровизации. Што би рекле тие самите “државотворни партии”.

Иако, никој во моментот на изјавите, немаше апсолутно никаква намера “реченото да го претвори во дело”, изјавата беше своевидна гаранција, за идната позиција. Можеби, како влог за “гаранциите што ЕУ треба да ни ги даде”, како што вели опозицијата со недели и месеци наназад. Но, за какви гаранции станува збор, во услови кога државата, а не партијата, има обврска да ги исполни критериумите на ЕУ, за отпочнување на преговорите, последователно за текот на преговорите, а потоа и за членство во ЕУ? За кога партијата бара гаранции, за себе или за државата?
Бидејќи нашиот политички живот, триесетина години функционира на “пазарна логика”, а тоа секако нема врска со пазарната економија во една парламентарна демократија; “прашањето за гаранции” е всушност друг збор за услуга-противуслуга, односно жаргонски кажано “што јас добивам ако се сложам на уставни промени”. И притоа тоа “јас”, може и не мора да се свати во буквална смисла, лична, клановска, партиска, како и да е, секому по желба и преференца. И тоа не е за чудење, кога партијата кај нас, која и да е, секако ја разбира државата како своевидна “сопственост” во моментот кога ја “освојува власта”.

Па, оттаму веројатно и “освоеното право” да “тргува со неа или во нејзино име”. Неспособноста да се направи јасна разлика помеѓу партиската позиција и државната функција, а последователно на тоа и односот кон обврските што државата ги има, без разлика на позицијата на партијата во моментот; ја прави главната разлика на поведението на партијата vis a vis, клучните прашања и тешките теми. Со други зборови, дали односот на политичката партија кон уставните промени и сега и во минатото, зависи од моменталната позиција која ја имаат, власт или опозиција?
Колку и да потешка и поодговорна позицијата на власт за една политичка партија, во однос на ставот за уставните измени сега или за било кое прашање од овој ранг, таа е сразмерно полесна од таа на опозицијата. Иако, логично би се претпоставило дека ситуацијата треба да биде обратна, односно опозицијата да ја има слободата да поддржува тешки прашања, без бремето на светата крава “рејтингот”; во персонифициран, строго контролиран и олигархиски узурпиран внатрепартиски живот, таа е “лесна на критика” до краен екстремизам, се’ додека не стигне гаранцијата.

А, таа е една и единствена, власт. Власт и неказнивост на власта. Неказнивост за нечинењето или ограниченото чинење, популарно наречено кај нас “сите сме за ЕУ”. Само на зборови, а, на дела по договор. Тоа е всушност фактичко блокирање на евроинтеграциите како процес, а не како догма, која и никој не ја вади од уста, слично како и борбата против корупцијата деновиве. И токму затоа деновиве, сведоци сме на “битка за гаранции”, меѓусебно демонизирање на политичките партии на релација власт/опозиција, зачинето со реални и опасни игри на црвената линија на поведени на земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ.

И токму затоа, ослободени од “зависноста од власт”, и од нејзината неодолива моќ, сите политички партии треба да одговорат, реално и хипотетички, дали се за уставни промени без разлика на моменталната позиција која ја имаат, односно дали сегашната власт ќе ги поддржи уставните промени и доколку биде опозиција, и обратно? Дали исто ќе се однесуваат и кон процесот на преговори и зачленување во ЕУ? Само така граѓаните ќе добијат гаранции, дека поведението на една политичка партија, не зависи од нивната позиција (лична и колективна), ниту од “гаранциите” кои ги бара, туку од обврските на државата. Тешко е верувам, ама нека се навикнуваат дека занимавањето со политика станува тешко, а особено принципиелното занимавање со политика.

Слични Објави