|

(Видео) Моментот кога полицијата ја уапси осомничената за нападот во Истанбул

Турската полција објави снимка од апсењето на жената осомничена за вчерашниот терористички напад во Истанбул, пренесува Слободен печат.

На видеото се гледа како специјалните полициски сили влегуваат во стан, ѝ ставаат лисици на жената и ги претресуваат просториите, откривајќи, меѓу другото, и оружје.

Во исто време, на Твитер беа објавени и фотографии од осомничената жена по нејзиното апсење.

Претходно турските медиуми објавија ново видео од жената како трча низ толпата неколку минути пред смртоносната експлозија во која загинаа шестмина луѓе, а повеќе од 80 се повредени.

Апсењето на осомничената за бомбашкиот напад го објави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, обвинувајќи ја забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), за вчерашниот напад во центарот на Истанбул.

Во исто време, турското Министерство за надворешни работи соопшти дека се уапсени повеќе од дваесет осомничени, меѓу кои и лицето кое наводно ја оставило експлозивната направа на авенијата Истиклал.

„Лицето кое ја поставило бомбата е уапсено. Врз основа на нашите заклучоци, терористичката организација ПКК е одговорна за експлозијата на бомбата, рече Сојлу, според турски медиуми, без, сепак, да прецизира дали станува збор за маж или жена.



Слични Објави