| | |

(Видео) Обновениот музеј во Тараклија претставува над 3.500 експонати од бугарското културно наследство

Музејот за културно наследство во Тараклија, Молдавија, по обемната реконструкција повторно беше отворен во мај годинава, со проширен простор и над 3.500 оригинални експонати, јавува Радио Бугарија. Значаен дел од поставката е посветен на преселувањето, животот и културата на бесарабските Бугари, кои сочинуваат близу 80 отсто од населението на градот.

Музејскиот простор е зголемен за повеќе од 150 квадратни метри. Музејот сега располага со пет главни изложбени сали, а отворени се и сала за наука и техника и конференциска сала со простор за филмски проекции.

Автентичните предмети се донации од жителите на Тараклија. Меѓу нив се теписи стари околу 150 години, икони од почетокот на минатиот век, земјоделски алатки и предмети од секојдневниот живот. Посебен дел ги претставува бугарските свадбени обичаи и традиционалните занаети.

Меѓу позначајните збирки е колекцијата везени орнаменти што во шеесеттите години на XX век ја собирала керамичарката Есфир Греку, а на музејот ја подарила нејзината ќерка Тамара. Музејот располага и со архива од над 2.500 фотографии, додека посебна поставка ги опфаќа воените години и советскиот период.

Изложените предмети претставуваат околу половина од музејскиот фонд, а останатите се чуваат во специјализирани депоа. Во соработка со локалната власт се планира изградба на етнокултурен комплекс и поставување интерактивни екрани во секоја сала.

Слични Објави