(Видео) Пензионерите се прогласија за столб на Македонија и побараа минималната пензија да е 18.000 денари, зголемувањето да е за 3.500 денари
Барање за минималната пензија да биде 18.000 денари, линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, зголемување на надоместоците. Ова се барањата на пензионерите кои протестираа пред Министерството за труд и социјална политика.
Тие бараа да излезе министерката Јована Тренчевска за да ги чуе што сакаат да добијат. Ѝ порачаа и да не се плаши. Потоа, доставија документ до архивата, а на бина, јавно, прочитаа што целат за да добијат.
„Врз основа на укажаната потреба за помош на пензионерите бараме: Владата да го почитува Законот за усогласување објавен од ДЗС, плус да даде линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и одредување на минимална пензија од 18.000 денари. Сојузот на здруженија на пензионери веднаш да се укине бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите. Да се укине членарината, нашата членарина, која ја плаќаме по 30 денари и за солидарен погреб 150 денари, значи ни земаат 180 денари. Ако нѐ поддржува Фондот за пензионери, ќе го префрлиме кај нив. Затоа нека бидат солидарни со нас и нека ги задоволат нашите барања“, рече пензионерка од Прилеп.
Себеси, се преставија како столб на Македонија.
„Нека бидат солидарни со нас, нека ги задоволат нашите барања. Ние со нашата голема бројка сме столбот на Македонија. Сојузот на здруженија на пензионери треба да го испочитува и да одвои од здруженијата и да се врати во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Зголемување на надоместокот за туѓа нега и мобилност, мора да се удвои. Луѓето се неподвижни и зависни од други. Зголемување на надоместокот за социјална помош, за лица кои останаа без работа се до остварување на правото на пензија. Поведување на иницијатива за промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување“, додаде пензионерката посочувајќи дека барањата се од иницијативниот одбор.
Драган Угриновски oд иницијативниот одбор, до министерката Тренчевска порача дека е избрана да работи во интерес на граѓаните.
„Пензионерите не се дојдени од што им е добро, туку бидејќи им е лошо. Министерке вие сте избрани да работите во интерес на граѓаните, а не само за лични интереси. На вас не ви е лошо со зголемувањето на платата од 78 проценти. Овие пензионери кои се дојдени гладуваат. Пензионерот треба да има достоен живот. Работел и придонесувал за државата, а сега кога сме во пензија уште малку ни преостанува во овој свет заслужуваме достоинствен живот“, рече тој.
Пензионерите денешниот протест го почнаа пред Сојузот на здружението на пензионери од каде што побараа оставка од раководство.
Пред камерите се пожалија дека со ниските пензии тешко е да се живее, примањата не стигнуваат ни за сметки, но нема да отстапат од нивните барања.