(Видео) Во селото Илинденци во Бугарија беше свечено отворена спомен-чешма во чест на бегалците од Егејска Македонија
Во селото Илинденци во Бугарија на 7 февруари свечено беше отворена спомен-чешма, изградена во знак на почит кон бежанците од Егејска Македонија по Втората балканска војна од 1913 г., јавува Пиринско.
Лентата на споменикот ја пресекоа градоначалникот на Општина Струмјани, Емил Илиев, градоначалникот на село Илинденци, Бојко Ибришимов, и претседателката на Општинскиот совет на Струмјани, г-ѓа Севдалина Трајанова.
На церемонијата присуствуваа и секретарот на Општина Струмјани, Иван Секулов, заменик-градоначалничката Фиданка Котева, како и повеќе од 100 жители и гости на селото, кои беа сведоци на официјалното отворање. Настанот се одржа во рамки на празничната програма на Општина Струмјани по повод 33-тото издание на Празникот на виното, кој по традиција секоја година се организира во село Илинденци.
По пресекувањето на лентата, спомен-чешмата беше осветена од страна на локалниот свештеник, отец Георги Сарадинов. Во текот на церемонијата, етнографката г-ѓа Камелија Грнчарова презентираше историски факти поврзани со преселувањето на бегалците од Егејска Македонија и нивната улога во развојот на селото.
Спомен-чешмата останува како симбол на сеќавањето, благодарноста и почитта кон генерациите кои го изградиле и го сочувале духот на селото Илинденци.

