|

Повторно да ги направиме универзитетите големи: бавната смрт на високото образование

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Еве уште една една непријатна вистина во многуте: македонското високо образование е целосно разочарување, не поради отсуството од „Шангајската листа“, туку поради губењето на довербата кај оние кои верувале дека низ него ќе стекнат знаење и вештини за да се соочат со предизвиците на брзоменувачкиот свет. Со години, да не кажам децении, свесно се урива високото образование пред нашите очи, како уште  еден симптом на нашето поделено општество. Сите овие години се игнорира кризата во високото образование што ја загрозува не само македонската економија, туку и темелот на македонските можности – какви и да се. Можеби никаде неуспесите на политиката не биле попоследични отколку во македонското високо образование. Ниту една земја не може да дозволи, а камоли да субвенционира, образование што го уништува пристојно општествено ткиво, освен нашата. Нашиот систем на високо образование одамна престана да го генерира талентот потребен за одржување на нашата образовна и научна инфраструктура, толку клучна за нашиот просперитет и меѓународна конкурентност.

Вистината е дека, делумно поради корупција, делумно поради идеологија, високо-образовниот систем контролиран од променетата комунистичка каста во општествово едноставно ги апсорбираше стандардите на квалитетно образование, без ветените подобрувања и реформи. Тешко дека она што е труло во високото образование во државава, инфицирано од псевдо – интелектуалци каков било закон ќе го промени. Новиот закон само ќе ја забави тивката смрт на нашето високо образование. Затоа, прво што беше потребно во реформата на високото образование е промена на ставот: нашите државни универзитети се се’ уште средство на контрола на една поразена идеологија. Тие се наследени политички идеолошки енклави кои ги измамуваат даночните обврзници и ја поткопуваат нашата земја, додека академскиот кадар се крие зад авторитетот на науката. Нашите универзитети функционираат како монополи оставени во наследство, спонзорирани од владата. Затоа за академскиот кадар на нашите Универзитети студентот не претставува неискористена можност, туку приказна за изгубен потенцијал и потсетник дека нашиот пристап кон обезбедување високо образование и обезбедување луѓето да ги завршат академските програми е неуспешен. Со години студентите се алиби за постоење на образовно научни паразити кои цицаат средства од државата, за одржување на пропаднат и нефункционален систем на високо образование.

Ако некој има дилема за ова што го пишувам нека погледне во научното портфолио на оние што ги контролираат стандардите за акредитација, со цел да обезбеди сè подлабока контрола врз начинот на кој се управуваат универзитетите. Две години системот остана непроменет при променета власт во државава. И после ќе ми кажуваат за некакви реформи во високото образование, кога идеолошката компонента на Универзитетите не е гибната, вешто задскриена зад науката и акaдемската слобода. Идеолошката компонента во комбинација со интелектуалната корупција која е всадена во професионалните стандарди на Универзитетите, придонесе многу малку академскиот кадар да има живо сеќавање на вистинско интелектуално занимања како што е професорското. Затоа нашите Универзитети оддамна не се расадник на интелектуална мисла – тие се уточиште на нереализирани псевдо – интелектуалци и научни џабалебари заробени во догмите од минатото. Нашите Универзитети го загушуваат и уништуваат квалитетот на образованието, така што никој на Универзитетот веќе навистина не учи да размислува, да прашува, да расудува. Наместо тоа, студентите учат да се покоруваат, да издржуваат „тестови“ и „испити“, да следат правила, да трпат апсурдност и злоупотреба. И, многу често, да трпат суетни интелектуално фригидни професори и безимени лектори и каков уште не само промовиран академски кадар чија научна мисла допира до границите на јазикот кој го разбираат. Нивното студирање е ориентирани кон административно дизајнирани курсеви за потребите на пазарот на трудот, моделирајќи ги Универзитетите повеќе да наликуват на фабрика или индустриска кујна на ресторан за брза храна, отколку на институција за високо образование.

И, секако, дајте веќе еднаш затворете ги приватните универзитети со реформираното високо образование. Тие се „злото“ во високото образование кое ги руши „високите“ стандарди на нашите државни Универзитети. Затоа реформата креира „затворена листа“ на студиски програми за јавен интерес. Како да објасниш дека „приватните“ универзитети во принцип не се лоша идеја и дека нивното позиционирање зависи од конфигурацијата на системот за високо образование, а не од постоењето на самите организации за високо образование од јавен интерес. Зарем стварно некој помисли дека некој апстрактно разбран и аплициран јавен интерес ќе ги заштити нашите студенти од „акадамските бројлери“ накотени и распослани на државните Универзитети, ќе ги заштити студентите од сексуалните академски предатори за кои не сакаме да зборуваме, ќе не заштити од корупцијата која владее таму, ќе ги заштити студентите од оние професори кои ја продаваат својата „научна белетристика“ како врвни научни дела и оние кои предаваат од препишани скрипти од т.н. „српски свет“, а посебно оние што се изживуваат врз студентите градејќи лажен авторитет на академски кадар што не се. Не верувам.

Заради таквиот академски шкарт кој бара да биде заштитен низ јавниот интерес ги отпишуваме нашите деца (и јас моето) од државниот Универзитет. Заради нив заминуваат да студираат во странство, зашто не смеете да дозволите некакви „академски корнишони“ да се изживуваат врз вашето дете заради своите лични политички фрустрации. Ако мислите дека законот ќе го промени се ова се лажете. Или живеете во лалаленд. Законот само за момент ќе ја разбранува жабокречината на високото образование – и толку. Академските паразити повторно ќе си креираат амбиент во кој брзо камелеонски ќе се прилагодат на  промените (читај реформите), а државата ќе  продолжи да ги плаќа и кога последниот студент ќе ги напушти. Со закон и без него македонското високо образование, многу тешко ќе биде симбол на извонредност, чесност и интегритет, продолжувајќи да егзистира на работ на ирелевантност, се додека низ јавниот интерес се обидува да го заштити научно образовниот шкарт. Затоа не верувам дека новиот закон ќе промени нешто радикално во високото образование, а најмалку повторно ќе ги направи државните универзитети големи.



Слични Објави