| |

ВИКЕНД НА ЖИВИ МРТОВЦИ

Чија смрт е поболна, на оние што животот го претвориле во секојдневно умирање или оние кои веќе еднаш умреле и во чест на кои денеска се обележува „задушница“?

Денеска е петок и се обележува христијански празник „задушница“. Во овој ден е собрана целата симболика на умирањето. Петок историски се заведува како ден на смртта и катастрофите. Адам и Ева во петок се протерани од Едемот, Каин го убива Авел во петокот, Бог ги меша јазиците на Вавилонската кула токму во петок, во петок е тајната вечера на која Јуда доаѓа последен и си оди прв за да го направи предавството, во петок Исус е распнат на крст. Во народните верувања „Петок 13“ е „баксузен ден“ или „ден на злото“, а во поединечни случаи е присутен и „параскеводекатриафобија“ или страв од „Петок 13“.

Задушница е христијански празник кој се посветува на „душите на покојните“ а се празнува сосема нехристијански. Христијанскиот концепт за душата и телото не е дуалистички како во паганските разбирања, а Исус воскреснува и со тело не само со душа. Со однос на тоа не се обележува само „душата на покојниот“ туку целото негово постоење. На гробиштата се прават секакви собири, на кои луѓето одаваат почести на покојниот, разменуваат подароци, пијат алкохол кој веруваат дека оди директно во душата на покојниот. Некогаш тие празнувања по гробиштата делуваат како некој тип на забавен собир, бидејќи луѓето разговараат за секојдневни работи, се среќаваат со одамна заборавени пријатели, средечно се поздравуваат и си даруваат подароци.

Ова година не е важно ниту тоа што е петок, ниту тоа што е задушница, бидејќи поради викенд карантин, празникот нема да се обележува. Денеска за нас е само прв ден од целосен карантин кој ќе трае повеќе од 3 дена.

Воведувањето на ова мерка целосно ја урниса слободата на движење како темелно индивидуално човеково право. Досега здравјето не ни го зачуваа ваквите мерки за што сведочи се поголем број на заразени. Нема ниту здравје, ниту слобода, имаме само смрт што сизифовски се повторува бидејќи секој ден нешто умира.

Прво умре хуморот, кога бившиот поглавар на ИВЗ – Сулејман Реџепи го прогласи корона вирусот за умрен. Верувам дека вирусот за него умрел, како и целото зло на овој свет, кога во неговиот дом се вселила 50 години помлада заносна плавуша. Ама за нас другите кои ја немаме таа естетика на телата, вирусот е уште реалност.

Потоа умре правдата. Додека Катица ја бара упорно говорејќи за тоа дека е „наместен“ судскиот процес кој се води против неа, сфаќа дека кога нема правда единствен начин да се издејствува нешто е голотиња. Добропознатата максима „Нема правда нема мир“ – случајот со Катица го претвори во „Нема правда, еве ви голотиња“. Катица вешто ни објасни дека конептот за голо женско тело кои за многумина е естетски чин, може да се обесправи и да се превори во бизарен чин.

Умре професионализмот. Додека текстилните работнички во Штип секој ден се борат со ризикот да се заболат со главите обесени на машини за шиење, вработена во Министерство за финансии во сред канцеларија, во работно време игра заводливо и тоа го снима за „Тик Ток“.

Полицијата денеска врши надзор низ гробиштата, во крв им влезе казнувањето дури и тогаш кога нема злосторство. Ако на гробиштата денеска нема никој, ќе почнат да ги казнуваат покојните и ќе чекаат наплатата да се случи кога ќе заминат на „оној свет“.

Додека сум во сообраќај, секој ден се молам полицајката што стопира и воведува ред, да не е истата онаа кумановка кој возеше 200 километри на час на автопат со нозе извадени надвор како совршена поза за инстаграм снимка (или поза за нешто друго) оти тоа ќе ми ја порази смислата на животот.

Се од Македонија бега што поскоро, само короната кај нас најмногу се задржа. Да беа Македонците толку големи скептици колку што се за короната, ние ќе имавме здрава демократија базирана на критика и опит. Тие не веруваат во постоење на вирусот, оти не го виделе, ама затоа веруваат во бели и црни магии, во светци и архангели, иако и нив исто така не ги виделе со голо око.

Нашето секојдневие е смртта, смртта на правдата, на професионализмот, на разумот, на хуморот, на институциите, на демократијата… Ние не живеме, затоа што живеењето бара време за себе, кое ние го немаме размислувајќи во спирали за тоа што мисли комшијата и неговата сестра и нејзиниот комшија за тоа тоа што мислам јас. Додека мислиме, само измислуваме, работи кои не постојат, а го занемаруваме фактичкото и постоечкото.

Не убива нашето малограѓанство, нашата слабост, нашата несигурност, нашето незнаење, нашата потреба да сме големи во очите на оние кои воопшто не се дел од нашите животи, а сме тирани за оние кои ни варат супа додека сме болни, не убива лижењето на газови, фиктивен успех при презентирање на нашето CV за тоа каде работиме и каква општествена моќ имаме, не убива она што го храниме додека гладуваме за почит, љубов, добрина, убавина, етика и вредности.

Исклучително тешко е да се живее овде, блазе им на оние на кои душите им се упокоиле во пеколот.

Автор: Магдалена Стојмановиќ/ Мкдпрес

Слични Објави