Владата нема одговор од каде знаат дека запаленото „ауди“ го возел Груби, ниту дали го виделе со стариот „цитроен“ кој го впишал во анкетен лист
Владата го осуди чинот, но нема одговор од каде знаат дека запаленото „ауди“ го возел вицепремиерот Артан Груби. Наместо точни податоци и владини ставови, тие препишаа од соопштението со осуда и го испратија како одговор на дел од прашањата од редакцијата на „Макфакс“. Ги прашавме дали некој од Владата, го видел Груби како се вози со неговата стара „цитроен касара“, кое е единствено возило кое го поседува според анкетниот лист – а тие се прогласија за ненадлежни да одговорат на оваа дилема.
„Во однос на другите прашања коишто се предмет на Ваш интерес Ви посочуваме да ги упатите до Кабинетот на првиот заменик претседател на Владата“, велат од Владата.
Запаленото „ауди“ за кое МВР кажа дека е сопственост на 35-годишен скопјанец, според медиумите, води до фирма која купи хотел на Попова Шапка по цена како за гарсоњера. Но, Владата, нема коментар ниту за ова.
„Исто така Ве информираме дека сите надлежни институции, истражните и судските органи, во рамките на своите надлежности постапуваат без одлагање, одлучно и професионално со цел целосно разрешување и расчистување на овој случај во најбрз можен рок за што јавноста навремено ќе биде информирана“, се вели во вториот дел на одговорот.
Владата е конзистентна на ставот дека возилото го користел Груби, па затоа одново испратија осуда, наместо одговори.
„Во врска со Вашите прашања Ви посочуваме дека Владата на Република Северна Македонија осудува секаков вид на насилство, вклучително и палењето на возилото коешто го користел првиот заменик претседател на Владата, Артан Груби. Актот е неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности, во кое безбедноста е врвен приоритет“, додаде Владата.
Два дена изминаа откако скапото „ауди“ изгоре во Чаир. Поврзаноста со Груби може да се направи само според адресата на која вицепремиерот живее, со адресата каде е пријавен пожарот. Двете се исти. Во јавноста не се дискутира прашањто кој го запали возилото, туку, од каде Груби знае дека „аудито“ горело поради него, а не поради вистинскиот сопственик. Тој два дена не одговара на прашањата на „Макфакс“.
Функционерите се должни да поднесат анкетни листови. Според оној на Груби, тој е сопственик само на „цитроен ксара“, произведена во 2001 година, вредна 1.000 евра. Во јавноста, тој е виден со скапо црно „ауди“, но не и стар „цитроен“.
Скопското Обвинителство ги собира документите за купо-продажбата на автомобилот. Преку нив ќе се дознае од кога пријателот на Груби го поседува, но не и, зошто и од кога вицепремиерот го вози.
Антикорупционерите кои меѓудругото се задолжени да водат сметка за имотот кој го поседуваат функционерите, немаат алатка да проверат дали Груби го крие имотот. Тие посочуваат дека ако имало Закон за потекло на имот – ќе можело лесно да се провери со кои пари е купено возилото, па да се види дали потеклото на средствата води до вицепремиерот. Во овој случај, штом МВР каже дека возилото е туѓа сопственост, а не на функционерот – надлежноста на антикорупционерите завршува.
Критики имаше и од јавноста. Краток коментар, но не и суштински одговори на прашањата кои ги отвори палењето на автомобилот, имаше и самиот Груби.