Владата со мерки за пониски цени на училишен прибор и продолжување на кризната состојба поради пожари
Во пресрет на новата учебна година 2025/2026, Владата на Република Северна Македонија на својата 100-та седница донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, со цел да се спречи растот на трошоците и да се заштити животниот стандард на граѓаните. Мерката е дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“.
Со одлуката, трговците на мало и големо се задолжени да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10% во трговијата на големо и најмалку 15% во трговијата на мало. Мерката ќе важи во периодот од 15 август до 15 септември 2025 година.
Намалувањето ќе се однесува на широк спектар на производи, меѓу кои: ранци и ташни, тетратки, блокови, моливи и пенкала, боички, фломастери, боички, пластелин, четки, линии, лепила, футроли, дидактички материјали, шестари, дигитрони и други училишни материјали.
Според новите правила, трговците се обврзани да ги прикажат и новата намалена цена и старата цена која важела на 1 јуни 2025 година, која се смета за базична. Дополнително, сите продажни објекти кои продаваат училишен прибор ќе треба на јасно видливо место да постават плакат со формат најмалку А3, со натписите: „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР – најмалку 15%“. Плакатот е достапен на веб страницата на Министерството за економија и труд.
На истата седница, Владата донесе одлука за продолжување на кризната состојба за уште 30 дена поради високата опасност од шумски пожари. Сите расположливи ресурси – човечки, технички и логистички – остануваат мобилизирани за справување со пожарите и за заштита на населението.
Граѓаните се повикуваат на крајна внимателност и на почитување на забраната за движење во шумите и шумското земјиште, која е во сила од 1 јули до 31 август 2025 година. Прекршителите ќе се соочат со парични казни од 1.500 до 2.000 евра.
Владата апелира до сите граѓани да покажат одговорност, како во справување со пожарите, така и при подготовките за новата учебна година, искористувајќи ги предвидените мерки за олеснување на семејните буџети.

