| |

ВЛАДИНИТЕ ПОРТПАРОЛИ ВО АКЦИЈА ЗА СПАС НА ХАЗБИ ЛИКА

Портпаролот на Владата на Република Македонија Мухамед Хоџа изјави дека сите членови на Владата, вклучително и вицепремиерот Хазби Лика, доаѓаат редовно на работа и ги реализираат своите обврски и задачи предвидени со законските прописи. Ваквата изјава доаѓа по појавувањето на одредени информации дека вицепремиерот не доаѓа на работа оти му е лут на лидерот на ДУИ Али Ахмети, оти не го поддржал во внатрепартиските битки во ДУИ.

Според информациите од Секретаријатот, додаде Хоџа, тие наскоро треба да излезат со податоци колку од нив потпишале договори за распределба во државните институции и колку се во фаза на потпишување. Најави дека се подготвува и втор план за распределба и на втората група од околу 700 вработени.

Портпаролот Миле Бошњаковски пак побара трпение од јавноста бидејќи проблемов со рамковните вработувања бил децениски и не можел да се реши брзо.

Потсетуваме дека пред 2 дена, партијата Граѓанско Демократска Унија излезе во јавност со соопштение поврзано токму со проблемот околу вработените според Рамковен договор административци, кои продолжуваат со седење дома да примаат плата.

Еве што истакнаа од ГДУ пред само 48 часа:

„Почитувани,
Во јавната администрација и натаму има фиктивно вработени. Операцијата за „активирање“ на лицата кои беа вработени по Рамковниот договор и кои со години земаа плата, а не одеа на работа е блокирана.
Голем дел од државните службеници на кои им беше понудено како и сите останати да си ја заработат платата, не се појавуваат на работните места, а и натаму си добиваат плата за седење дома.
Според она што го слушнавме од надлежните имаа можност и доколку не им се допаѓа понуденото, да одбијат, па дека ќе добијат нова понуда и ако и тогаш не прифатат ќе им се раскине договорот.
Но и покрај сите привилегии за најпривилегираните административци, гледаме како законот грубо се крши, милиони од буџетските средства се одвојуваат за неработење, одговорност нема, а вицепремиерот Хазби Лика се крие од јавноста.
А токму вицепремиерот е дел од Советот за реформи во јавната администрација, кој се формираше лани во рамки на Планот 3-6-9 и требаше да ја следи реализацијата на стратегијата за ефикасна,професионална и посветена државна служба.
Вицепремиерот мора да излезе и да и одговори на јавноста : Зошто овие лица не одат на работа и врз основ на што уште добиваат плата? Дали воопшто им било понудено одредено работно место, и ако им било дали одбиле, па и покрај тоа се уште се во работен однос?
Дали вака се следат европските правила?
Дали на овој начин ќе департизира и професионализира јавната администрација?“, се вели во соопштението на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ од 3 јули 2018 г.

 

 

Слични Објави