|

ВМРО-ДПМНЕ: Македонската опера и балет во мрак поради лошото менаџирање на кадрите на СДСМ и ДУИ

„Економската и енергетската криза многу брзо по летните одмори покажаа каков импакт ќе имаат и врз културата која секогаш е прва на удар и прв таргет за рационализација во секое општество. Вчерашната шокантна вест од областа на културата која ги стави во сенка сите актуелни случувања е дека националната установа Македонска опера и балет, еден од двата столба на музичко-сценската уметност во Македонија, потона во темница“, велат од Комисија за култура на ВМРО – ДПМНЕ.

Комисијата на ВМРО-ДПМНЕ објави статус на социјалните мрежи преку кој порача дека Македонската опера и балет е во мрак поради лошото менаџирање на кадрите на СДСМ и ДУИ.

„Актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска кога го презентираше ребалансот на буџетот на Министерството за култура, вети дека средствата за комунални услуги по дејности ќе бидат зголемени за седумдесет и седум милиони денари (77.740.000), и дека предложениот ребаланс воопшто нема да влијае врз културните настани и нивото на културна понуда. Исто така, таа потенцираше дека ќе се води континуирана грижа за објектите на културата каде треба да се работи и функционира.

Но, токму кога требаше да започнат подготовките за новата оперска и балетска сезона, во мрак и без струја е една од најзначајните национални институции, Македонската опера и балет.

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ апелира до Министерката за култура дека крајно време е за сериозен пристап при креирањето на стратегиите во културата. Хаосот во културата продолжува со се’ позасилено темпо на партизација, културниот сектор и неговите активни чинители продолжуваат да бидат маргинализирани, а до сега ниту еден од петте министри на коалицијата СДСМ-ДУИ не понуди реална визија за креирање на одржливи културни политики.

Напротив, во континуитет сме сведоци на задоцнети реакции и ад хок решавање на последиците, а не на причините за состојбите во културата. Крајно време е коалицијата СДСМ-ДУИ да понуди професионално менаџирање и етаблиран раководен кадар во институциите од културата“, објавија од Комисијата.



Слични Објави