| |

Во 18 век и уште поназад

Пишува: Иван Николов/ Гласпрес

„Живеете во 18 и 19 век“, извикува налутено нашиот многу почитуван претседател на Нац- совjет, извинете, на Националниот совет на бугарското малцинство Стефан Стојков.

Кога ќе размислам, човекот можеби е во право! Благодарение на неговата и на политиката на неговиот општински ментор, веќе го поминавме 18 век и навлегуваме длабоко во средниот век. Затоа што во 18 век Пајсиј Хилендарски извикал „О, неразумний юроде, поради что се срамиш да се наречеш болгарин…“ и ја напишал „Историја Славяноболгарска“. И никој не дошол да му ја пребара ќелијата во манастирот Зограф или да му претура по дисагите со книги и ракописи на патот од манастирот во Сремски Карловци до Света Гора. За разлика, од примерот, со Бојчо и Александар Димитрови, на кои што српските цариници цело лето им ги пребаруваат гепеците за бугарски книги.

18 век е век на просветителството, кога живееле и создавале големи мислители како Едмонд Бурк, Шарл де Монтескје, Волтер, Жан Жак Русо, Дени Дидро, Имануел Кант итн., што се вели, кој е од кој поголем бунтовник. Но, никој немал такви проблеми со властите како Едвин Сугарев и ние со „Елегија за Краиштето“!

Чудна работа, сето тоа се случува во моментов, во времето на „европските вредности“. Да се одлучиш да напишеш книга и да ја презентираш и да ти удрат постапка по чл. 317 од Кривичниот законик за „предизвикување национална, расна и верска омраза и нетрпеливост“! Или ако кажете критички збор против претседателот на Националниот совет, ќе им нанесете „голема штета на сите Бугари во Србија“! Затоа што е убеден дека е газда на Бугарите и што и да им каже, тие треба само треба да се крстат и да викаат амин.

Човекот се жали дека бадијала се зајадуваме со него, а тој е зафатен со работа „да создаде квалитетни услови за образование на мајчин јазик и да обезбеди стабилно финансирање на медиумите на бугарски јазик во Србија“!? Веќе две децении гледам како луѓе без образование се обидуваат да создадат „квалитетни услови за образование на бугарски јазик“, но тоа сепак не функционира. Момците сè уште не знаат правилно да си ги напишат имињата на бугарски, а девојчињата презимињата си ги пишуваат во еднина од машки род, но претседателот на Националниот совет се прави кусоглед. Така е и со „стабилното финансирање на медиумите на бугарски јазик“. Според претседателот на Националното собрание, финансирањето е поважно од, да речеме, слободата на говорот! Монтескје, на пример, не мисли така, но кој ќе го слуша, тој е од 18 век, нели?

Нашиот претседател на Националниот совет нѐ советува историјата да им ја оставиме на историчарите и нѐ учи на висока политика – односите меѓу Бугарија и Србија да станат како оние меѓу Србија и Унгарија. Знам и од каде ги добил овие информации за Унгарија и Србија, но не разбира зошто таму се добри односите. Србија ѝ дозволи на Унгарија да подигне во Белград споменик на Јанош Хунјади, а во Нови Сад, споменик на унгарските цивилни жртви убиени од партизаните за време на Втората светска војна. Не знам што ги чини, но еднаш годишно државните претставници на Србија и Унгарија стојат пред овие споменици, им оддаваат почит и се ракуваат во знак на помирување. Во остатокот од годината прават други корисни работи.

Господинот Стојков и неговиот општински ментор, градоначалникот Владимир Захариев, не дозволија во центарот на Босилеград да биде поставена скромна спомен плоча со имињата на невините жртви од страна на воениот злосторник Коста Миловановиќ Пеќанац, пред која претставниците на бугарската и српската држава можеа да им оддадат почит на невините жртви и да се ракуваат во знак на помирување. Тогаш навистина може да се затвори една страница од историјата и да се отвори нова страница меѓу Бугарите и Србите. Со ова Захариев и Стојков ги влошија и онака лошите бугарско-српски односи, а нашите сонародници во Бугарија оттогаш гледаат кон нив со презир. И никој не ги обвинува за тоа. Тие си се самите виновни. Но, штетата што ја направија тогаш е на сметка на сите Бугари во Србија. Да имаа храброст да ја постават оваа спомен плоча во Босилеград, ќе ја заслужеа почитта на целата бугарска нација. И уште нешто. Европа ги преживеа инквизицијата, нацизмот и фашизмот и денес е незамисливо да се забрануваат и одземаат книги и да се враќаат европските граѓани од границата на „Рибарци“.

Благодарение на бугарските документи, луѓето од Босилеград денеска слободно се движат низ европските земји. Додека ние, под водство на Стефан Стојков и неговиот ментор, веќе го поминавме 18 век и веќе сме длабоко во инквизицијата, кога се палеле еретичките книги. Единствената разлика е во тоа што сега го нема папата Инокентиј III, но од друга страна тука е епископот на Врањската епархија Пахомиј.

Фото: БГНЕС

Слични Објави