| |

ВО ГАК Е ПРИМЕНА РОДИЛКА ПОЗИТИВНА НА КОРОНАВИРУС, СЕ ТЕСТИРА И БЕБЕТО

На ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје на 14 април во 20 часот е породена пациентка, за која денеска резулатот од тестот за ковид-19 покажа дека таа е позитивна на коронавирус, јавува НОВА.

Станува збор за 28-годишна жена од Матејче, кумановско, која дошла да се пораѓа на Клиниката без никакви симптоми на болеста. Според сегашната ситуација во Куманово, каде што има алармантни бројки на заболени, сите родилки кои ќе дојдат на клиниката од Куманово се ставаат во изолационен дел, без разлика дали имаат или не симптоми на заболувањето.

Пациентката е породена спонтано, но затоа што е од кумановскиот регион, со неа уште од самиот прием на клиниката се постапуваше како со пациентка од ризично подрачје и по сите протоколи, и беше земен брис за ковид-19.

„Пациентката токму затоа што доаѓа од кризен регион, беше примена и породена во делот за изолација на ГАК, кој е наменет за суспектни и заразени пациентки од ковид-19, истата и за време на приемот и во текот на престојот на клиниката беше без симптоми за ковид-19. По денешниот позитивен резултат на родилката, земен e брис и од бебето. И мајката и новороденото женско бебе се во добра здравствена состојба, денеска се испишани и се во својот дом“, велат од ГАК.



Слични Објави