Во Пловдив се отвора изложба посветена на независноста на Украина
Во пловдивската галерија „Димитар Георгиев“ денеска се отвора изложба по повод 34-годишнината од прогласувањето на независноста на Украина, јавува БТА. Настанот се одржува под покровителство на амбасадорката на Украина во Бугарија, Олесија Илашчук, и почесниот конзул на Украина во Пловдив, Димитар Георгиев.
Експозицијата претставува 21 уметничко дело на авторите Оксана Стратијчук, Иља Богдановски и Катерина Косјаненко – уметници од различни генерации со богато меѓународно искуство. Нивните дела го пренесуваат отпорот кон војната, значењето на зачувувањето на културните вредности и универзалните човечки идеали.
Оксана Стратијчук е веќе позната на пловдивската публика преку две самостојни изложби. Во 2023 година израелскиот уметник Иља Богдановски организираше група свои сонародници кои донираа дела за хуманитарната изложба „Уметност за мир“, со цел собирање средства за Украинците кои избегаа од војната и беа сместени во Центарот за привремен престој на бегалци „Втори дом“ во Пловдив.
Катерина Косјаненко, која припаѓа на младата генерација украински уметници, во своето творештво ги спојува традициите на црковно-литургиската иконографија со симболиките на современата урбана графити култура.
