Во Словенија се очекува ново излевање на реките, некои места сè уште се отсечени
Состојбата со поплавите во Словенија не е подобрена во текот на ноќта. Многу реки во централна, северна и источна Словенија се уште се излеваат од коритото, јавија локалните медиуми.
Реката Сава се излева во поголеми размери, а во долниот тек во наредните часови ќе го достигне својот најголем проток.
Во текот на ноќта евидентирани се бројни интервенции низ државата, дежурни екипи и надлежни служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помагање на населението, јавија словенечките медиуми.
Министерот за одбрана Марјан Шарец на прес-конференција синоќа најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.
Во 11 часот ќе заседава Советот за национална безбедност, а потоа и Владата.
Според предвидувањата на премиерот Роберт Голоб, ќе биде прифатен предлогот за измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди, кој првично беше планиран по одморите.
Неколку места во земјата се уште се отсечени.