Во Софија се одржува Балканска конференција за учење преку работа
Во хотелот „Софија Балкан“ денеска ќе се одржи Балканската конференција за учење преку работа, организирана под покровителство на министерот за образование и наука на Бугарија, Красимир В’лчев, соопштија од Фондацијата за модерно образование, пренесува БТА.
Настанот става акцент на спроведувањето на учењето преку работа во Бугарија, Грција, Романија и Република Северна Македонија, преку размена на добри практики, идентификување на предизвици во управувањето со системот, потребните вештини и врската со бизнисот, како и на зголемување на атрактивноста на професионалното образование преку практично учење.
Конференцијата ги обединува претставниците на државните институции одговорни за професионалното образование во земјите учеснички, како и истражувачи, експерти, директори и наставници од стручни училишта, претставници на работодавачки и стопански организации, и претпријатија кои активно учествуваат во процесот на учење преку работа.
Настанот се реализира во рамките на проектот „Балканска соработка во учењето преку работа“ (2023–2025), финансиран преку програмата „Еразмус+“ на Европската Унија. Координатор на проектот е Фондацијата за модерно образование (Бугарија), во партнерство со Националната агенција за професионално образование и обука (Бугарија), Центарот за обука „Делта“ (Грција), општина Решица (Романија) и Македонскиот центар за граѓанско образование (Република Северна Македонија).
