„Волстрит журнал“: Белата куќа испраќа муниција со осиромашен ураниум во Украина
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе одобри испорака на муниција со осиромашен ураниум во Украина, пишува американскиот дневен весник „Волстрит журнал“.
Според весникот, кој се повикува на извори од администрацијата на Бајден, по неколкунеделна внатрешна дискусија за начините на опремување на тенковите Абрамс што Америка ги испрати во Киев, се очекува Белата куќа да се согласи за пренос на гранати со осиромашен ураниум.
„Иако некои официјални лица наведуваат дека нема сериозна пречка за одобрување за испорака на муниција со осиромашен ураниум, други изразуваат загриженост затоа што Вашингтон може да се најде на удар на критики поради испраќање гранати кои го загрозуваат здравјето на луѓето и животната средина“, пишува весникот.
„Волстрит журнал“ додава дека Белата куќа се уште ја разгледува можноста за испраќање на касетна муниција, меѓу другите видови оружје.

