| |

Врбник во Албанија- вратата кон демократијата

Пишува: Владимир Перев

Прекрасен автопат води од Костур кон Билишта, граничниот премин меѓу Грција и Албанија. Процедурата е брза, европска, без многу бавење на границата. Од кај албанската страна ме пречекува д-р Раки Бело, еден од најпознатите дејци на “новото б’лгарско В’зраждане“ во Албанија. Го продолжуваме патот кон Билишта, за потоа да свртиме кон Врбник, најисточното и едно од најпознатите села во источна Албанија. Таму, во селската крчма на Пандо Ендрико, не чека м-р Димитри Никола Пандовски, претседател на Здружението за албанско-бугарско пријателство. Седнуваме на кафе и разговор.

Уште на почетокот на разговорот, претставниците на бугарската заедница во Албанија оставаат силен впечаток. Д-р Раки Бело е филолог, вече десет години е преподавател во Универзитетот во Тирана по странски јазици. Предава бугарска филологија и литература. Универзитет “Неофит Рилски“ завршил во Благоевград, а докторската дисертација ја одбранил во БАН. На млади години завршил, како прв факултет, геологија во Тирана.
М-р Димитри Никола Пандовски има ветеринарен факултет и магистратура по пчеларство во Тирана, 1977 година. Тој е председател на Здружението за Албанско-бугарско пријателство, со седиште во Корча, кое дејствува од 2010 година, а целосно легитимно, со регистрација кај властите од 2015 година. Друштвото има редовни 750 членови, се занимава со идентификување на бугарите во Албанија, организира чествувања на празниците на Бугарија, сеќавања на познати ликови од бугарската историја, литература и културни работници. Разговараме за Врбник и неговата судбина.
Врбник е автохтоно во Грција до 1913, за потоа да биде доделен на Албанија. Меѓународната комисија на чело со некој италијанец Паринин, доаѓа во селото и целото село кажува дека не сакаат да бидат со Грција, ами сакаат да бидат со Албанија, затоа што тука им било по демократски, имале повеќе слобода. Така селото останува во Албанија. Тогаш, ми велат, пропадна В’мбел, тој е доделен на Грција, а земјата остана во Албанија, па В’мбел пропадна. Смрдеш остана целиот под Грција.

Врбник е село на интелектуалци, нешто слично на нашето Владимирово, Беровско. Во Врбник во1945 година, има 75 куќи, 420 души, за во 1991 година да има многу образовани души. Од секое семејство има средно по 2,3 члена на семејство во просек, со завршен универзитет. Тука работи силниот костурски ген, вели Раки Бело…и да не забораваме, додава, овде се говори најчистиот бугарски јазик. Селото во периодот на Илинденско-Преображенското востание соработува со четите на Васил Чакаларов, а селаните биле комите во костурските чети. Сето тоа може да се види и во реалниот момент. Мажите, а посебно жените се облечени исто како во костурско, куќите им се слични на костурските, сите на два ката, а јазикот по ништо не ѝм се разликува. Евидентни се само разликите во станардот и во општата инфрастуктура, но тоа е наследство од комунизмот и на Енвер Хоџа, нешто кое не ги одмина и другите земји во прегратките на сталинизмот.
Голема е поддршката од Бугарија, ми велат соговорниците. Од 2018 година е отворено неделното бугарско училиште кое функционира во Корча и Билишта, а од оваа година и во Поградец. Имаме голема поддршка од д-р Милен Врабевски, кој помага на неделното училиште. Овде доаѓал и Андреј Ковачев и президентот на Бугарија, Росен Плевнелиев. Сме имале многу средби. Бугарската држава дава голема поддршка, инвестирта во капитални проекти, а со помошта на д-р Врабевски се направи асфалтиран пат од Билишта до Врбник. Патот беше вечната мечта на татко ми, вели Пандовски, а сега може да се види дека селото малку живна. Одлични ни се односи со амбасадата и конзулатот, имаме редовни контакти, а конзулот Благој Петров ја врши работата во служба на нашата кауза во Албанија. Имаме врски со сите бугарски здруженија овде. Во Врбник треба да се инвестира во чешмите, водата и гробиштата, таму каде што се нашите траги….таму каде што, на нашите стари гробови, сеуште се останати натписите на бугарски. Иначе, се инвестира и во училиштата, се сменуваат клупите и сите наши деца имаат таблети, за сите има подароци за Коледе.

Низ разговорот се споменува и името на светски познатиот бугарски имунолог д-р Михаил Огњанов, по потекло од Охрид. За време на Втората светска војна татко му бил директор на болницата во Тирана, а таткото на Димитри, стариот Никола Пандовски, вмровец и патриот, бил уапсен од албанскиот гестаповец Џафер Дева. Со енергичната намеса на стариот лекар Огњанов, Никола Пандовски бил спасен. Потоа, Никола Пандовски е координатор на реката бегалци по Граѓанската војна во Грција, за припадниците на ДАГ да си ги најдат семејствата.
Овде, во извесен период, ми велат соговорниците, беше дозволена и верската слобода. Попот Христо Лафазанов од В’мбел, доаѓа во Билишта и ја формира црквата во 1948 годима, за црквата да опстојува се до 1967 година кога Енвер Хоџа ја забранува религијата и попот Лафазановски си ја бричи брадата. Црквата беше до 1990 година претворена во склад за тутун.
Патувајќи од Корча кон Тирана, близу до Корча видовме село со име Булгарец. Таму нема бугари, може би некогаш и имало, ама топонимот никогаш не е променет, а мештаните земјите ги викаат “булгарски земји“. Тоа воопшто не е чудно, ми велат соговорниците, уште во времето на Скендербег може да се сретнат поимите “булгарин“ и придавките од тоа име. Тој поим, уште од Скендербег, се споменува во книгата “Историјата на Скендербег“ од Марин Барлети.

Овде не се чувствува никаков отпор кон бугарите. Никој не ги пали или крши таблите на здруженијата, бугарското знаме насекаде каде има здружение се вее слободно, а самите албанци, македонците ги нарекуваат “булгар“! Уште во 1946 година, тогавашниот ЦК на КПА на Хоџа, побартал од Бугарија да им испратат учебници и учители за децата на бугарски јазик, ама Софија одбила-ги упатиле да се јават во Скопје. Денес, и Скопје и Софија ја плаќаат цената на оваа глупост!

Во Албанија, бугарите имаат 9 девет НВО и сите редовно аплицираат по свои прграми.
Пустец е најпознатото село во Мала Преспа. Во кафеанчето во центарот, седиме со кметот на општината Пали Колефски, Јане Аго заменик кмет и Санди Никола шеф на водоводот. Велат дека ситуацијата е тешка, во селото има околу 1300 луѓе на список, ама нема повеќе реално од 600-700 души. Другите се заминати, кој за стално, кој сезонски работи низ околните места. Политичката ситуација е како и целиот систем. Во селото има и бугарско и македонско друштво. Македонското друштво има и партија, (Васко Стерјовски Македонска алијанса за европска интеграција), а односите меѓу двете друштва се на ниво на меѓусебно разбирање и поднесување. Контактираат, разговараат и нема силни лични спротиставености, освен некои исклучоци. Ова е мачната тема од разговорот. Некаде во воздухот лебди она простачко прашање, “бугари или македонци“, но никој не се осмелува да го постави. Гледаме в земја и се правиме дека нема проблем. Бугарскиот конзул Благој Петров елегантно ја решава ситуацијата со изјавата дека “мене сите сте ми исти, кој дошол да бара помош, не бил вратен, еве, нека каже некој дека не е така“…продолжителното молчење беше потврда на неговите зборови. Потоа, нормално, разговорот се сврте кон бугарските пасоши…
Работиме земјоделие, велат, има малку стока, а главно вработените се во општината и другите институции. Општината е најголемиот работодавец. Во Пустец има четири мали хотели со ресторани. Има малку туризам. Добиле и помош од Бугарија, пожарно возило, амбулантно возило и џип за општината. Ова е сѐ помош од Врабевски, како и помпата за вода на Туминец. Друштвото за Албанско-бугарско пријателство на Никола Пандовски во пет села ги обнови училиштата, даде чинови, табли и столици…ги обнови комплетно и им даде таблети на децата. Секоја нова година има подароци за децата.

Македонската држава финансира во дворот на училиштето и во некои други објекти. Даваат и книги. Во Пустец, сите се христијани, секое село има црква, има и заеднички два попа, кои се на албанската православна црква. За новата црква, “Св Архангел Михаил“ во Пустец, значајна донација дал Љубе Бошкоски, како министер за внатрешни работи на Македонија.

Во Елбасан се среќаваме со вториот дел на албанско-бугарската елита овде. Магистер Микел Ценај, професор по фискултура, тренер по фудбал учител по бугарски јазик и литература. Има завршено и магистрирано ДИФ, но и Педагошко училиште. Во неделното училиште има дваесет редовни ученици, а има и некои кои доаѓаат повремено. Тој има и “Друштво на бугарите во Албанија“, во Елбасан, невладина организација. Преку тоа друштво аплицира по програми во институциите во Бугарија. Тоа е едно од најактивните друштва, кое ги реализира сите зацртани проекти. Имаат реализирано програма за смена на сите грејни тела и дограмата во училиштата во Борје и во Гора. Реализираат проекти насекаде, не само во Елбасан, туку и во Гора и Пустец. Има две неделни училишта во Елбасан и Дурес. По проект е преведена книгата на Спас Ташев “Бугарите во Албанија“ која ќе биде презентирана од вицепрезидентката Јотова, за време на нејзината следна посета на Албанија. Има и уште два проекти за преводи на книги. Албанските бугари се на високо ниво во интелектуалната сфера на Елбасан-имаат заменик ректор на Универзитетот, претседател на бордот на Универзитетот, вработени во општината како специјалисти по европски прашања, директори на државни претпријатија. Овие се претежно луѓе населени во Елбасан од Голо Брдо. Познати се и како одлични мајстори градежници, ја имаат изградено, како велат, цела Албанија.
Тука е и Индрит Абдиај, општински советник и обласен советник. Има завршено историја во Бугарија, а економика и право во Елбасан. Директор е на центарот за професионална квалификација и директор на обласна дирекција за администрирање со државни имоти, на бившиот металуршки комбинат.

Присутните велат дека најмногу друштвата се занимаваат, во главно со образование, како на малите ученици, така и на поголемите. Децата сакаат да учат и сите се многу задоволни.
Голо Брдо има 17 села и овие години не врви на добро. Нема работа, луѓето бегаат од селата, одат во големите градови во Албанија или во странство.Тоа се претежно мајстори, кои поради тој занает во секое време – од турско, па преку двете војни, до Втората светска војна, одеа насекаде по работа, во Турција, Запад и по Албанија. По Втората војна, за време на комунизмот, немаа право да излезат од Албанија, туку се разселија по големите градови низ Албанија-Тирана, Елбасан, Дурус, Берат, Фиер, Влора, секаде каде имало потреба од градежници. Тоа е последниот бран е внатрешна емиграција.

Тирана нѐ пречекува со својата блескава осветленост, богата и вкусна храна и извонредни вина. Седиме со Раки Бело во една убава кафеана и со чаша вино во рацете, ги гледаме прекрасните, разголени во летна гардероба албанки, како весело пивнуваат и се дружат. Само гледаме и им се насмевнуваме. Нашите мисли се на друга страна, друга тема-зарем работите стигнаа до таму, од Албанија да учиме за демократија и национална и верска толеранција?!



Слични Објави