ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ ИМАА САМО ЕДЕН ИСПРАВЕН ПАТ– ДА СИ ОДАТ ДОМА

Колумна на Никола Тасев:

loading...

Ова со неработењето на Собранието е алармантно! Власта преку своите мегафони се обидува да прикаже дека е во прашање мал проблем на кој Заев му барал решение, но дали е така? Дали проблемот е мал и дали Заев бара соодветно решение?

За нас граѓаните, за бизнисот и за компаниите најважно е што во собраниската процедура, закочени се и клучните закони кои ќе помогнат колку – толку да се амортизира финансискиот удар од пандемијата. Најважниот одговор за нас е на прашањето: Кога ќе се изгласаат тие закони? Но, исто толку важно е и прашањето: што да се направи за повеќе да не се блокира Парламентот, оти со тоа всушност се блокира Македонија.

Владината помош, именувана како Петти сет економски мерки со субвенции за плати за февруари и март, дреме цел месец во Собранието. А во меѓувреме, вработените во приватните компании кои работат – немаат плата, а пратениците кои не работат – редовно си ја добиваат.

Премиерот Заев, со задоцнување, увиде што донесе стилот на работа на неговото парламентарно мнозинство и сега најавува дека ќе се растрчал за да бара откочување на Парламентот. Тој најави три можни решенија за да се одблокира или за да се направи функционален Парламентот: лидерска средба, состанок со пратеничките групи или вонредна состојба. Но, заборави да ја спомене четвртата опција – формирање на експертска (техничка) Влада, распуштање на Собранието и нови избори! Првите три решенија не зависат само од него, но последното може да се реализира веднаш.



loading...

Во Израел, на пример, за две години пет пати се оди на избори, затоа што ниту на едни избори нема јасен победник со изразено мнозинство за комотно да може да ја раководи државата. Ја препознаваме ли сличноста со Македонија по последните парламентарни избори: речиси сите седници во законодавниот дом имаат проблем со кворумот, власта има многу тенко мнозинство, немоќна е, а и со закочениот Парламент закочена е целата држава.

Затоа трите опции за одблокирање на Собранието, шти ги најави Премиерот, не му држат вода. Можеби ќе купи недела – две, демек нешто се преговара и договара, сигурно и ќе ја обвини опозицијата дека е некооперативна и работи против државата и интересите на граѓаните, но тоа нема да донесе решение.

Кога Парламент извесен период е нефункционален во секоја нормална држава се распушта! Инаку, во нашиов случај, вака може да си туркаат уште 3 години: Владата, додека си тера бизниси и тендери со своите блиски луѓе и си вработува партиски потрчковци,  ќе си пушта законски предлози, нејзините министри ќе си ја ишкаат мувата од капата – дека своето го завршиле, а Собранието и понатаму ќе биде декор и можност партиските врхушки само да си земаат плати и секако – патни трошоци.

Затоа време е пратениците да го фатат патот во еден правец – кон дома и да го остават пратеничкиот дом за нови поодговорни пратеници.