Законот за јазиците ги распали зборовите

Законот за употреба на јазиците кој вчера беше усвоен од Собранието, ја тресе јавноста. За едни, тој ги унапредува правата на заедниците, за други е надвор од Уставот и Рамковниот договор. „Федерализација“, „предавство“, „крај за унитарна Македонија“, се дел од реакциите во јавноста, а не изостануваат ни повици за протести и за претседателско вето на законот.

Законот, кој вчера беше изгласан со 69 гласови „за“, во отсуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради нејзин бојкот на парламентот, покрај проширената употреба на јазиците, предвидува и двојазичност во ознаките на униформите во полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Истото е предвидено за уплатници, фискални извештаи, фактури, бандероли, книжни и ковани пари, називи на институциите, натписи и патокази на граничните премини и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик.

Владимир Мартиновски, писател и редовен професор по книжевност на УКИМ, смета дека сегашното решение фавиоризира само еден од малцинските јазици.

„Како филолог и писател поддржувам почитување и унапредување на малцинските јазични права. Сметам дека постојниот Устав на Република Македонија тоа го овозможува, особено ако се спореди со соседните земји, па затоа се поставува прашањето – што ново носи усвоениот Закон за јазиците? Имено, фаворизирајќи само еден од малцинските јазици, проширувајќи ја употребата од локално на централно ниво, новиот закон не само што го менува статусот на македонскиот јазик во Република Македонија, туку имплицира и запоставување на останатите малцински јазици“, оценува Мартиновски. (Прочитајте го целиот напис овде)