Започна испораката на борбените возила „Страјкер“ за копнените сили на бугарската армија
Министерството за одбрана на Бугарија соопшти дека започнала испораката на новите борбени возила „Страјкер“ за потребите на Копнените сили на бугарската армија. Првите пет возила пристигнале денеска на пристаништето во Бургас, јави БТА.
Согласно договорот со САД, тие ќе бидат транспортирани во фабриката „ТЕРЕМ – Ивајло“ во Велико Трново за финално опремување, по што ќе ѝ бидат предадени на 61-та механизирана бригада во Карлово.
Бугарија добива и дополнителни осум возила „Страјкер“, обезбедени бесплатно преку програма со САД, кои ќе се користат за обука на бригадата во Карлово. Исто така, денеска беа испорачани и дополнителни делови според договорот за набавка на борбените авиони F-16.
