| |

Зеколи: Вина во спорот со Бугарија имаат клановите кои ја држат Македонија во вечна кавга со соседите, за да се богатат на браникот на родината и идентитетот

Доколку има виновници од македонска страна во спорот со Бугарија, тоа се секако групировките, клановите, „десетте фамилии“ кои секогаш умееле и засекогаш би сакале да се окористат од држењето на Македонија во постојана кавга со соседите, а тие самите во вечна улога на бранители кои богато се богатат на браникот на родината и идентитетот. Ова во интервју за порталот Прес 24 го вели дипломатот и интелектуалец Арсим Зеколи.

„Стапицата се крие во детаљите. Воопштено, Македонија нема никаква вина. Не можеме да ги обвинуваме обичните луѓе, Македонците сами, постоењето на субјектот Македонија за овој или други спорови. Но доколку има виновници, тие се секако групировките, клановите, “десетте фамилии” кои секогаш умееле и засекогаш би сакале да се окористат од држењето на Македонија во постојана кавга со соседите, а тие самите во вечна улога на бранители кои богато се богатат на браникот на родината и идентитетот“, вели Зеколи.

Дипломатот за момент ја превзема позицијата, како што самиот кажува, на „ѓаволов адвокат“ на Бугарија и поставува неколку реторички прашања поврзани со тоа како би се чувствувале Македонците, ако се најдат во ситуација да се судрат со дволичноста на претставници на одредени академски кругови, кои позади затворени врати ја признавале својата бугарска самосвест, а видни Македонци ја гледале Бугарија како своја „резервна држава“.

„Ќе ми дозволите да за момент бидам ѓаволов адвокат на Бугарија. Како вие би се поставиле во определена состојба, кога со децении ред при средби со собеседници зад затворени врати овдешните академски или марксистички интелектуалци си признавале сопствена бугарска самосвест, а потоа истите соговорници ги гледате на црно-бели екрани како се жалат за провокациите на Цола Драгојчева? Како би се поставиле кога во слободни разговори видни Македонци се осврнуваат кон Бугарија како “резервната ни држава”, а потоа на другата маса истата ја исмејуваат како “руска губернија”? Како би се поставиле вие кога водечките идеолози на современото македонство јавно би изразувале спремност да зборат и бугарски и грчки, под услов да некој трет плива во Јадранот? Како би се поставиле вие кога следите како општеството и државата молчи на издавањето пасоши со етничка конотација? И на крај, колку вие би биле убедени во одржливоста на еден идентитет кога истиот во сред 21 век се развлекува низ антиквизацијски патрдии со подршка од државата, од академијата, универзитетот и добар дел од јавноста? Зарем не би извлекле заклучок дека македонството е само површна службена верзија во чија позадина тлее наклонетоста за “враќање кон корените”?, вели Зеколи.

Според Зеколи одбивањето на политиката и општеството кон давање одговори на тие прашања подразбира некакво сублиминално признавање дека сте во право во вашиот став за порозноста на севкупната нарација за идентитетот. Тој е дециден дека недостатокот на самокритичност ја отапува силата на критиката кон другите.

„И зарем не би закклучиле дека одбојноста на политиката и општеството кон давање отчет или одговор на овие прашања не подразбира некакво сублиминално признавање дека сте во право во вашиот став за порозноста на севкупната нарација за идентитетот. Оттаму, молкот на јавноста, на политиката, на медиумите за овие домашни конфузии се далеку поразорни за нашите аргументи отколку добар дел од ставовите или изјавите од Бугарија. Недостатокот на самокритичност ја отапува силата на критиката кон другите“, вели Арсим Зеколи во интервјуто за Прес 24.

Слични Објави