Зеленски: Ситуацијата на истокот на земјата е исклучително тешка
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата е исклучително тешка на истокот на земјата, каде што руските сили напредуваат во последните недели, особено во близина на Бахмут.
„Ситуацијата на линијата на фронтот е сè уште исклучително тешка, особено во регионите Доњецк и Луганск. Таму буквално се води битка за секоја педа украинска земја“, рече Зеленски во вчерашното вечерно видео обраќање. Тој рече дека Русија брза да ги постигне целите што си ги поставила во најновата офанзива пред Киев да добие ново оружје.
„Затоа, брзината е клучна. Брзината во сè – донесување одлуки, спроведување одлуки, испраќање на материјали, обука… Брзината спасува човечки животи, брзината ја враќа безбедноста“, нагласи тој.
Зеленски им се заблагодари на сојузниците за нивните ветувања за дополнителни пратки со одбранбено оружје, тенкови, артилерија, гранати и обука.
Вчера во Брисел се одржа состанок на Контакт групата за одбрана за Украина на која присуствуваше и украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.