ЖИМИ ЗОКИ, НИКИ И СИТЕ ОКОЛУ НИВ

Доста само слушаме како ова не чинело, она не чинело. Некој што гледа и слуша од страна ќе помисли дека овде нема нешто што е во ред. Дајте бре луѓе видете ги малку убавите работи што се случуваат околу нас. Па нели гледате на пример колку добро оваа Влада (можеби не толку добро како онаа претходната) се справува со криминалот, се разбира немаат толку стаж како претходниците, но сепак се надежни, тие пред нив се изнамачија само со јавното обвинителство, а овие покрај јавното го средија и специјалното, никогаш не биле поодалечени криминалците, власта и судството, затоа ние како граѓани многу сме благодарни на тоа, само ајде променете го веќе еднаш тој изборен модел и направете една изборна единица.

Видете колку позитивни работи се воведуваат во здравството. Лекови во изобилство, тазе вакцини, медицинскиот персонал задоволен, сите апарати функционални, болниците во топ форма, резервите преполни, абе и полот бесплатно можеш да си го промениш и потоа ич * да не те боли ако си закажан по два месеци за најобичен преглед или не дај Боже за операција. И за сѐ ова ви сме благодарни, само дај видете променете го изборниот модел.

Никој не може да ги оспори мерките за стимулирање на земјоделците, години наназад ништо не оди фира од нивните производи, никој не може да ги побие цифрите од странските инвестиции (наши, ваши, нема врска важно се тука и сите сметки им се платени, па не е лошо и домашната сметка за струја да им ја подмирите). Социјалата е топ, може не како онаа скандинавската ама тука е некаде… Па како може да не ви бидеме благодарни, но сепак видете до каде е таа промената на изборниот модел.

Да не ја заборавиме и до сега „најгласната” опозиција која толку гласно шепоти, што е чудо како уште ѝ издржуваат гласните жици. Добри се само во едно (за разлика од другите, кои во сонот си го повторуваат она „северна“), овие „патриотите“ само пред странците го користат. Никогаш како до сега не сте биле сложни за таа промена на изборниот модел, дури и оние тивките за кои и експлозијата од бомбите е тивка и се редовно добитни, се изјаснија дека се ЗА… Сите сте согласни, само ајде некако направетеја промената.

И не можам а да не кажам колку убаво звучеше информацијата кој каде ќе оди на летен одмор, топ вест во ударен термин на ТВ дневник. Абе заслуживте, се изнамачивте, сега уживајте. Мислам дека и Претседателот своевремено имаше иницијатива за промена на моделот, така да ако му е досадно во вилата во Охрид, може да ги потсети овие другите.

Можеби не го видовме бројчаникот, но видовме колку е саатот… Ви благодариме што не зачленивте во НАТО и ЕУ, за вашите заложби, креативност, интелегенција, за вашите идеи, резултати, за чизмите во АРМ, за европските плати. Вие сте најсилни, најубави, најпаметни и воопшто немој да се плашите за следните избори, граѓаните ви веруваат и повторно ќе ве изгласаат. Но сепак променете го изборниот модел, па макар и да бидат отворени листи.

Автор: Благојче Трајковски, Член на УК на ГДУ