| |

Зошто Бујар Османи дојде во Софија?

Пишува: Костадин Филипов/Труд

Оние во Скопје навистина сметаат дека ако не сме глупави, сигурно сме наивни. Или можеби сме непоправливи романтичари кои можат да бидат излажани и измамени во секој момент кога работите се влошуваат во нашите билатерални односи.

Од секаде се гледа дека нашите односи во моментов не цветаат. Сè што се случува околу создавањето на клубовите на Бугарите во Северна Македонија донесе голема доза дополнителна тензија, вклучително и реакцијата пренесена на бугарска територија со циркусот при отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Сè уште мислам дека ако плаќаше некому за да му направи таква јавна кампања, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски немаше да добие такво внимание на начинот на кој што тоа се случи во Благоевград. Вклучувајќи ги и властите во Бугарија кои го преполнија градот со специјални полициски единици, предводени како што стана јасно, лично од министерот за внатрешни работи на Бугарија. Што очекуваа да се случи – двете толпи да се степаат? Едната, предводена од Мицковски, кој дојде од Скопје со јасна намера да бара судир за да стави сол на раната, а другата – на политичка партија која не успеа да влезе во парламентот и едвај чека да ги распореди своите приврзаници на улици и плоштади и на тој начин да покаже дека сè уште постои.

Можеби сум построг отколку што треба, но не можам да разберам зошто паѓаме на провидните трикови на некои луѓе од другата страна на границата. Зарем не ги запознавме доволно за толку многу години за да разбереме дека локалните организации на оние што се претставуваат како Македонци во Бугарија, притоа нелегални како оние од разните ОМО, не се ништо друго освен алатка за скандали кога тоа му е потребно на Скопје.

Еден пријател и колега, кој деновиве го видов во Скопје и разговаравме на оваа тема, ме убедуваше дека сето тоа е одговор на реципроцитетот во нашите односи. А бидејќи реципроцитетот е основен принцип во меѓународната политика, и крај Вардар строго го почитувале во однос на Бугарија, не би требало да имаме никакви претензии. Штом Софија прави клубови во Северна Македонија, значи Скопје има реципрочно право да го стори истото. И еве – клубот „Вапцаров“ во Благоевград, потоа некој од Пиринска Македонија, кој сега живее во Крумово близу Пловдив, имал намера да го повтори истото напролет и да си отвори приватен клуб за да ја пропагира македонската култура.

Како што Мицковски и неговата посета на Благоевград беа прекумерно и целосно непотребно помпезно прикажани во бугарските медиуми, така и намерите на човекот од Крумово беа глорифицирани во прилог на БНТ во нивната централна емисија „Во светот и кај нас“. Ми беше жал и се чувствував тажно, бидејќи во текот на сите години додека работев во Националната телевизија, а и многу години потоа, јас и моите колеги се трудевме да развиеме релативно стабилен стандард на однесување кон темата за Македонија. И тој стандард не треба да зависи од тоа која партија е на власт кај нас, кој е премиер и кој е негов советник за овие прашања. И сега – гледам и слушам за некакво општество на Македонци кои имале потреба да се среќаваат и да ја пропагираат својата историја и култура. Толку ли интересни станаа овие заблудени луѓе па одеднаш со сила ги избркавме од нафталин и ги претворивме во херои? Зошто си го поставувам тоа прашање кога дописникот кај нас на државната информативна агенција на Република Северна Македонија – МИА, вистински бастион на агресивниот македонизам, е најактивниот соработник на екранот во различни емисии на БНТ.

Некој од двете страни на границата требаше да се обиде да го подигне капакот од тенџерето и да ја пушти пареата. Колку што е можно, се разбира. И затоа Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, дојде во Софија. Нема да кријам дека имам одредени симпатии кон докторот, кој изгледа целосно ја напушти медицината и се посвети на дипломатијата. Исто така, нема да кријам дека и тој, колку и да се обидува да се огради од екстремните македонски практики во надворешната политика на својата држава, сепак не може да излезе од рамката што ја наметнува статус квото крај Вардар. Во најавата за посетата на Османи беа наведени лидерите на политичките партии од Бугарија со кои ќе се сретне и ќе разговара, но можеби неговата најважна средба – неформалната средба со Весела Чернева, советничката за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков не беше спомната. Се видел со кој се видел, си кажале што си кажале и на крај заедно со вршителот на должноста министер за надворешни работи Николај Милков дадоа прес-конференција. А, бидејќи новоусвоениот закон од Собранието во Скопје за здруженија и клубови сè уште беше жежок, сосема логично беше Османи да биде прашан за тоа. Ќе го прателе до Венецијанската комисија за проверка.

Но, со овој одговор, Бујар си постигна автогол. Затоа што Венецијанската комисија која проверува дали некој закон е уставен или не, има само советодавни функции. Нејзините мислења не се обврзувачки. Второ, практиката е да се испраќаат акти кои допрва ќе бидат доставени до законодавното тело, а не веќе изгласани како Законот за здруженија и клубови. Фала богу, и бугарското МНР во својот став ги потврди сомнежите дека зборовите на Османи биле само прашина во очи.

А дека и самиот Османи е свесен за тоа, стана јасно откако тој се врати во Скопје после посетата на Софија и подоцнежната турнеја низ балтичките земји. Слично прашање како во Софија му поставија и тамошни колеги кои го прашаа има ли смисла спорниот закон да се испраќа до Венецијанската комисија. Османи се обиде да се извлече со појаснување дека тоа е направено за да се добие мислењето на експертите од Комисијата за можноста за ретроактивно дејство. Односно, клубовите на Бугарите во Северна Македонија – „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид да ги сменат имињата или ќе бидат затворени. Има дури и рок од три месеци во кој тоа треба да се случи. Но, прашањето е, зошто да се прашува Венецијанската комисија кога Уставот на Северна Македонија забранува законите да имаат ретроактивно дејство, освен во исклучителни случаи. Зарем не е подобро да се побара мислење од Уставниот суд на државата?

Така и ќе биде. Локалните новинари во Скопје открија дека дури и Никола Тупанчевски, министер за правда во владата на Димитар Ковачевски, во неформален разговор со Османи изразил сомнеж дека ретроактивното дејство е законско. Тој ќе се обидел да подготви нова верзија на истиот закон, која ќе ја достави за гласање во парламентот.

А јас, како и некои мои колеги во Скопје, се прашувам каде беше истиот тој министер за правда кога требаше да ги изрази своите професионални сомнежи, кога законот за здруженија и клубови беше внесен и донесен со неверојатна брзина во Собранието? Или и тој подлегнал на општата еуфорија да се пронајде легитимна основа за да бидат казнети оние граѓани на Северна Македонија кои се дрзнале да се здружат и да ставаат имиња на своите клубови кои некому не му се допаѓаат? А што е тоа, нели е политика на омраза?



Слични Објави