|

22 лица во старски дом во Берово се затруле со храна

Дваесет и две лица во старски дом во Берово добиле дијареа и повраќале по консумирање храна во која подоцна било утврдено присуство на ешерихија коли, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во билтенот за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули.

Од Институтот посочуваат дека покрај овој случај на епидемија на акутен гастроентероколит, евидентирана е уште една епидемија на алиментарна интоксикација – со шест заболени лица кои јаделе сладолед на точење од продавница во село Зрновци, а сите завршиле во болница.

„Меѓу заболените во старскиот дом нема хоспитализирани лица. Во примероците на копрокултура земени од сите 22 заболени не се детектирани патогени. Во соработка со АХВ, ДСЗИ и претставници од ИЈЗ, ЦЈЗ Кочани изврши санитарно-хигиенска контрола во кујната на домот и беа земени мостри за микробиолошко испитување од жива и нежива средина. Докажано е присуство на ешерихија коли во примерок од храната,“ се наведува во билтенот на ИЈЗ.

Надлежните предложиле спроведување на соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, меѓу кои редовно и континуирано одржување на лична хигиена, проверка на доставената храна од страна на посетителите и пријавување на секој сомнителен случај при појава на гастроинтестинални тегоби.

„Кујната на домот беше затворена до добивање на негативни резултати од земените материјали. По превземање на сите потребни епидемиолошки мерки од страна на ЦЈЗ Кочани, епидемијата беше одјавена на 28 јули,“ се додава во информацијата.

Во врска со случајот со труењето со сладолед во Зрновци, од ИЈЗ информираат дека сите шест лица биле хоспитализирани. „Примероци на копрокултура беа земени од 2 заболени лица и истите беа негативни,“ наведуваат од Институтот.

„Во соработка со АХВ, ДСЗИ и претставници од ИЈЗ, ЦЈЗ Кочани изврши увид во објектот, при што беа земени мостри за микробиолошко испитување од жива и нежива средина. Од добиените лабораториски анализи детектирани се ентеробактерии од примероците на сладолед и стафилокола ауреус од брисевите на раце на вработениот,“ се додава во информацијата од ИЈЗ.

Слични Објави