(Видео) Лефков: Како братот на Груби купува дуќан од половина милион евра кога неговата фирма четири години работи со загуба
Продолжуваме со обелоденување нови детали за бизнисите на семејството Груби и ќе отвориме сомнеж за потеклото на средствата со кои се финансира купувањето на дуќанот на Ветон Груби, брат на Артан Груби, истакна на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дуќанот на улицата Македонија од 127 м2, сопственост на Ветон Груби, е со вредност од половина милион евра. Од каде пари за купување на ваков дуќан, особено ако се земе податокот дека фирмата на Груби, ‘ЕТЦ травел’ со години работи со загуби? Според податоците од Централниот регистар, фирмата на Ветон Груби во периодот од 2016 до 2020 година има загуба од нешто под 100.000 денари. Во овој период фирмата на Груби де факто е недоходовна за нејзиниот сопственик и тој е во минус од нејзиното работење“, посочи Лефков.
Во 2016 година, како што појасни, загубата е 540.000 денари, а во 2017, 2018 и 2019 фирмата работи со добивка од 1 милион 640 илјади денари, 75 илјади денари и 286 илјади денари за во 2020 година да заврши со загуба од 1 милион и 555 илјади денари, односно збирно за 4 години фирмата нема генерирано добивка, туку е во минус од 100 илјади денари.
„Како фирма што во период од 4 години не само што нема добивка туку е и во минус може да добие кредит, како што самите велат во соопштението, за купување деловен простор, кој вреди половина милион евра? Како фирмата на Груби ја гарантирала својата солвентност пред банката од која зеле кредит, како што самите велат, кога имаат пад на приходите од 73 % и пад на бројот на вработени за 16 %? Како фирмата на Груби прикажува загуби, а тој купува деловен објект во строгиот центар на Скопје, вреден половина милион евра?“, праша Лефков.
Кој е модалитетот по кој Груби купува дуќани, а според официјалните извештаи е во минус?, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ. И дали, како што рече, ќе ја сподели својата тајна со другите фирми, кои исто така имаат потреба од деловен простор, имаат далеку подобри билансни извештаи и не може да дојдат до сопствен објект, а уште помалку тоој да се наоѓа во центарот на Скопје.
„ДКСК и ЈО да отворат случај за богатењето на семејството Груби и да истражат дали при купувањето на објектот од половина милион евра има злоупотреба на политичка моќ и влијание“, потенцира Лефков.

