Нучи Гроздани- учителот од Поградец
Извор: Радио Бугарија
Албанскиот град Поградец, кој се наоѓа на југозападниот брег на Охридското Езеро, е место каде живеат и работат многу албански државјани со бугарско потекло. Градот е центар на истоимената општина во регионот на Корча, Источна Албанија. Поградец е оддалечен околу 140 километри од главниот град Тирана, 40 километри од градот Корча и 5 километри од границата со Република Северна Македонија.
Таму, покрај брегот на Охридското Езеро, се среќаваме со Нучи Гроздани – наставник по историја во албанско училиште, а од оваа учебна година – наставник по бугарски јазик и култура во новоотвореното бугарско неделно училиште во Поградец.
Нучи Гроздани исто така е дел од бугарското национално малцинство во Албанија. Неговите родители се од бугарското село Врбник, најјугоисточната точка на Албанија. Иако е роден во Поградец, Нучи со голема носталгија, се сеќава на убавите времиња во селото, каде што како дете голем дел од времето го поминувал со баба му и дедо му. Таму научил да зборува бугарски, таму му кажувале приказни и песни… Убави и безгрижни години…
Во 1994 година, Нучи го направил важниот чекор во животот – заминал во Бугарија да го продолжи своето образование. Студирал историја на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград. Нучи го вративме назад во времето за да ни раскаже за неговите студентски години, за неговите мисли и чувства при средбата со Бугарија:
„Ми беше малку тешко, малку чудно, некои работи беа малку поинакви. Јазикот исто така. Инаку, Благоевград многу ми се допадна – вели тој, а за неговото мислење за народот сподели – Народот беше многу пријатен. Живеев со Бугари во студентскиот дом. Сите беа многу љубезни кон нас Бугарите од странство. Убави спомени…“

Пред да започне со студиите во Благоевград, Нучи поминал два месеци во Софија, на Институтот за странски студенти (ИЧС). И тогаш бил импресиониран од бугарскиот главен град, но освен од Софија, има прекрасни спомени и за градовите Велико Трново и Ќустендил, кои имал можност да ги запознае. Затоа, на прашањето дали повторно би се вратил во Бугарија, Нучи е категоричен:
„Навистина сакам да се вратам еден ден. Многу ми се допаѓа Бугарија и мислам дека еден ден повторно ќе се вратам.
Денес Нучи живее и работи во мирното и убаво гратче покрај Охридското Езеро. Тој е професор по историја во локалното средно училиште.
„Во градот Поградец има неколку семејства со бугарско потекло, потекнуваат од село Врбник. Има и неколку бугарски семејства чии корени се од Охрид – продолжува да ни кажува Нучи Гроздани. – А што се однесува до децата.. нивните родители сакаат тие да знаат бугарски јазик, да учат граматика и еден ден – да го продолжат своето образование на универзитетите во Бугарија“.
На средбата со Нучи, тој ни кажа и за плановите за отворање неделно училиште во градот Поградец. Сонот на учителот и на сите Бугари кои живеат во околината сега е реалност. Благодарение на Димитри Никола и на Друштвото за бугарско-албанско пријателство предводено од него, сега има неделно училиште во Поградец. Таму околу 20 деца учат да читаат и пишуваат на бугарски јазик, а Нучи им е учител. Децата се на различни возрасти, почнувајќи од најмалите – на 6, 7 години па се до матурантите кои исто така се подготвуваат за пријавување во бугарските високообразовни институции.
Запрашан за потребите на Бугарите во овие области и што може да се направи за да се олесни нивното образование, Нучи Гроздани рече: „Секогаш ни треба мала помош за овие работи – книги, програми за да можат децата да учат. Ни треба литература. секогаш има потреба од овие работи“.

Наставникот од Поградец го дели своето мислење дека треба да има посебно развиена програма за децата од нашето национално малцинство за полесно да го учат литературниот бугарски јазик, за да не го зборуваат само локалниот дијалект. „Видете, ние Бугарите во странство сакаме да го научиме бугарскиот јазик, да се чувствуваме како вистински Бугари“, вели тој.
Иако студентските години во Бугарија се веќе далеку зад него, Нучи Гроздани продолжува да одржува контакти со нашата земја и да се информира за се што се случува во неа:
„Секогаш ги следам вестите на интернет, читам разни бугарски портали, гледам филмови… Не сум изгубил контакт. Читам многу. Бугарски книги имам уште од моето студирање, читам и од онлајн страници, секогаш читам историја“. – вели учителот.
Зборувајќи за историјата, Нучи го истакнува фактот дека уште од старо време Бугарите и Албанците мирно коегзистираат и никогаш немале проблеми меѓу себе. „И сега во Албанија нема проблеми со Бугарите, напротив – тие се многу почитувани“ – вели Нучи. По признавањето на бугарското малцинство во 2017 година, односите продолжуваат да бидат многу добри и топли.
