На 5 јули 1916 г. умира Христо Николов-Македонски-симболот на бугарското ајдутство
На 5 јули во далечната 1916 година во Русе починал Христо Николов-Македонски – еден од симболичните ликови од национално-ослободителните борби на Бугарија, пишува Фактор.
Христо Николов, познат и како Македонски или Македончето, бил бугарски ајдутин и револуционер. Се претпоставува дека тој е прототипот на Спиро Македонски, главниот лик во делото на Иван Вазов „Немили-недраги“, кој патријархот на бугарската литература го претворил во еден собирателен револуционерен лик.
Христо Македонски е роден во 1834 година во селото Горни Тодорак, Кукушко (денес Ано Теодораки, Грција). Учел во грчкото училиште во родното село и се занимавал со трговија. Заедно со својот другар Манол Наков станал ајдутин во четата на Стоимен војвода, која дејствувала во Малешевско. Во 1862 година влегол во Првата бугарска легија на Георги Раковски во Белград и се борел со Турците при бомбардирањето на градот. По распуштањето на легијата заминал за Романија. Во 1864 – 1865 година бил начело на мала чета која по наредба на Раковски ги обиколувала бугарските земји. Подоцна, во периодот 1867 – 1868 учествувал и во Втората бугарска легија, а кога таа била распуштена во пролетта на 1868 година, повторно преминал во Романија.
Подоцна истата година ѝ се приклучил на четата на Хаџи Димитар и Стефан Караджа. Во борбите кај Вишоград бил убиен Георги Чернев, знаменосецот на Стефан Караджа, по што Македонски го презел знамето. По нивниот пораз кај врвот Бузлуджа, Македонски со уште двајца четници (Пенчо Стојанов и Илија Николов) успеале да ги избегнат турски потери и речиси незабележани да преминат преку Габрово, Сопот, Самоков, Рилскиот Манастир и Мелник кон Атоскиот Полуостров, каде што нашле засолниште во Зографскиот манастир. Пролетта 1869 година, со помош на игуменот на манастирот, тројцата заминале преку Цариград за Одеса. Оттаму Македонски повторно се префрлил во Романија. За да се заштити од апсење и предавање на турските власти ги прифатил имињата Христа Николич и Христаки Николау и работел кај Стефан Берон. Учествувал во револуционерната дејност на бугарската емиграција и во подготовките на Старозагорското и Априлското востание.
За време на Српско-турската војна од 1876 година бил војвода на чета од 200 бугарски доброволци. Знамето на таа чета било истото тоа знаме на Стефан Караджа, кое Христо Македонски успеал да го сочува. Тоа било сошиено во 1866 година во Браила од Султана Русева. Чувано како голема светост, во 1925 година било предадено од ќерките на Хр. Македонски – Тица и Екатерина – на Министерството на војната. Денес тоа знаме се чува во Националниот Воено-историски музеј на Бугарија.
Но вистинскиот дух на борецот за бугарската слобода го опишал Христо Ботев. По нивната средба во Браила, Ботев пишува за него во едно свое писмо:
„Откако му ја раскажав мисијата и состојбата на работите, тој се распали дотолку, што реши да ја пожртвува и кошулата од грбот.“

