Новиот век на Турција – средниот пат меѓу Ататурк и геополитичките околности
Велислав Илиев/БГНЕС
Турција ја одбележа деветтата годишнина од обидот за преврат против претседателот Реџеп Таип Ердоган, за кој Анкара ја обвини терористичката организација ФЕТО, предводена од турскиот проповедник Фетхула Ѓулен. 253 лица загинаа, а 2740 беа ранети. Во широката јавност и понатаму кружат сомнежи за вистинските фактори кои стоеја зад обидот за преврат. Без разлика на мислењата на надворешните набљудувачи или турската опозиција, 15 јули е еден од најсимболичните датуми за турската република, за време на владеењето на Ердоган. Показателно е и името со кое се одбележува настанот – Денот на демократијата и националното единство.
По основањето во 1923 година, од Мустафа Кемал Ататурк, турската република е сведок на четири случаи на промени на врвот на власта по интервенции на вооружените сили. 15 јули е првиот случај кога легитимната власт успева да ја издржи бурaта. Според Анкара, неуспехот на превратот се должи токму на турската нација, која обединета застанала зад легитимно избраниот претседател и го бранела уставниот поредок.
Врз основа на наративот за нацијата сплотена зад својот претседател, Ердоган ја води Турција кон клубот на светските сили во вториот век од нејзиното републиканско постоење.
Мека сила на 15 јули
Обично, во полето на меѓународните односи, терминот „мека сила“ се користи за да се опише влијанието кое една држава го проектира во странство, најчесто преку својата масовна култура. Наративот на Анкара за настаните од пред 9 години, сепак, не е особено популарен на Запад. Бројни НАТО-сојузници на Турција и понатаму имаат сомнежи дали 15 јули навистина беше реален преврат. Истовремено, Анкара возвраќа на „пријателскиот оган“, тврдејќи дека станува збор не само за реален обид на ФЕТО да воспостави контрола врз власта, туку и дека терористичката организација добила поддршка од западни држави.
Без разлика која е вистината, факт е дека Анкара вложува во својата перспектива за 15 јули. Доволно е да се посетат музеите посветени на Денот на демократијата и националното единство во Истанбул и Анкара. Без разлика на нашата оценка за владеењето на Реџеп Ердоган, овие музеи треба да служат како пример за останатите земји – како една самоуверена држава ја раскажува својата гледна точка. Шетајќи низ салите на овие зданија, човек повторно ги проживува настаните од тој јулски ден. Снимки од обидот за преврат се проектираат на огромни видеѕидови, а аудио-ефектите го пренесуваат стравот од ударите врз Парламентот и Претседателството. Гласот на турскиот претседател, кој ги повикува граѓаните да му се спротивстават на метежот, одекнува заедно со експлозиите и истрелите. Истанбулскиот музеј е преполн со експонати од таа ноќ – згмечен автомобил влечен од тенковски топ, поставен кај влезот, чевли на загинати граѓани наредени на скали што симболизираат „премин во рајот“, а на ѕидовите се испишани имињата на војници и цивили кои го загубиле животот бранејќи го уставот. Во витрините се изложени куршуми и погодени предмети. Особено внимание привлекува еден мал експонат – телефонот на новинарката од „Си-Ен-Ен Турк“ Ханде Фират, преку кој на 15 јули 2016 година во живо разговараше со претседателот Ердоган. Токму преку ова обраќање турскиот лидер ги повика граѓаните да излезат на улиците.
Гледајќи сè ова, дури и безпристрастниот набљудувач станува соучесник на личните трагедии на оние кои, без разлика на вистината за 15 јули, излегоа на улица за да ги одбранат своите сфаќања за добро. А што да кажеме за младите турски генерации? Цели групи ученици секојдневно ги посетуваат овие места. Во која „вистина“ ќе бидат воспитани – во онаа на Анкара или на Западот? Очигледно, меката сила има и внатрешен вектор.
Турција во новиот век – национална држава или универзум
За нас, Мустафа Кемал ќе остане пријателот на Бугарија, но за светот тој засекогаш ќе биде Ататурк (таткото на Турците). Великиот реформатор му сврти грб на империјалното минато на османлиската држава и почна да гради нација слична на оние кои настанаа на Запад по Француската револуција. Западната концепција за нација се темели врз секуларизмот, заедничкиот јазик, историја и територија.
Многу меѓународни набљудувачи се прашуваат до кој степен Ердоган сака да го зачува наследството на Ататурк. Често е обвинуван дека го руши секуларниот карактер на државата и ја враќа доминантната улога на исламот во турското општество. Во говор по повод Денот на демократијата и националното единство, турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз изјави дека религијата ќе продолжи да биде значаен фактор во вториот век на турската република. Огромни транспаренти со ликовите на Ататурк и Ердоган висат еден до друг на јавните згради во турската престолнина. Ќе можат ли на ист начин да стојат заедно исламизмот и национализмот? Каков ќе биде изборот на Турција – да биде лидер на исламскиот свет и да носи надворешнополитички одлуки врз основа на религијата, или да го следи националниот интерес и чисто макијавелистички да ги избира партнерите прагматично, а не врз основа на вредности? Само времето ќе даде одговор, но популарната изрека дека „вистината секогаш е некаде на средина“ можеби ќе се покаже точна.
Последниве години централна тема во Турција е разоружувањето на Курдската работничка партија (ПКК). Аналитичарите дебатираат како ќе бидат реинтегрирани курдските борци во општеството по децениската партизанска војна која однесе 40.000 животи. Но ретко се зборува за тоа како ќе се редефинира турскиот национален идентитет за да се обезбеди интеграција на Курдите. За возврат на разоружувањето, ПКК сигурно ќе побара признавање на курдскиот јазик, кој би се изучувал и во училиштата, како и некаква форма на културна автономија. Но, според западните стандарди, заедничкиот јазик не е ли еден од темелите на нацијата? И како една субкултура, со сопствен национален идентитет, ќе опстане во рамките на Турција која сака да продолжи по патот нацртан од Ататурк? Националниот идентитет секогаш носи елемент на исклучивост. Државата на Босфорот понекогаш изгледа осудена на универзалност.
Pax Romana
Кога дошол на власт, првиот римски император Октавијан Август сметал дека неговото владеење означува крај на граѓанските војни и воспоставување на светски мир. Секако, тој мир бил можен само во рамките на светот на Римската империја, управувана од еден император. Оваа концепција е позната како Pax Romana. По падот на западниот дел од Рим во 476 година, Источната Римска империја (Византија) станала единствен наследник на оваа идеја. Владетелот на Константинопол (Новиот Рим) бил апсолутен господар на земјата, исто како што Христос е на небото. Низ вековите многу странски владетели се обидувале да го освојат Константинопол, секој со своја визија за тоа како да ја редефинира концепцијата на Pax Romana, но зачувувајќи ја нејзината суштина. Дали, пак, која било држава што го владее градот на василевсите може да избега од наследството на оваа империјална идеја?
Геополитичката позиција на Турција ја претвора во мост меѓу неколку тензични региони – Балканот, Блискиот Исток, Кавказот и Централна Азија. Како држава од Црноморскиот регион, Турција е заинтересирана и за развојот на конфликтот меѓу Русија и Украина. Дестабилизација во кој било од овие региони може да предизвика потреси и во самата Турција. Геополитиката едноставно не ѝ дозволува на Анкара да се повлече кон себе, туку ја осудува да биде доминантен фактор во овие региони. Тоа се гледа во поддршката на Турција за Азербејџан како контрапункт на руското влијание на Кавказот, како и во воените операции на турските сили во Сирија во последната деценија. Анкара исто така зазема јасен став за војната во Појасот Газа, иако поддршката за Палестинците моментално е повеќе декларативна отколку практична. Позната е и турската концепција Mavi Vatan (Сина татковина), која формулира барања за контрола на клучни гасни наоѓалишта во Егејот.
Истовремено, Турција располага со втората најсилна армија во НАТО и огромна индустриска база што ги задоволува потребите на вооружените сили. Има и голема демографска база што не само што ги пополнува редовите на армијата, туку обезбедува и работна сила за економијата.
Сепак, империјалната идеја е неспоива со националниот устав што му дозволува на претседателот да остане на власт само два мандата. Во споменатиот говор, потпретседателот Јилмаз навести нов устав. Интересно е дали тој ќе вклучува промени поврзани со претседателскиот мандат.
Кемал Ататурк ќе остане една од најголемите личности не само во турската, туку и во светската историја. Но, како и многу реформатори, направи грешка мислејќи дека западните политички идеи се универзални и применливи насекаде. Околностите повеќе покажуваат дека националната држава, каква што ја познаваме на Запад, не може целосно да се пресоздаде во турскиот контекст. Очигледно, геополитиката ја прави Pax Romana судбина, а не избор.
