| |

Пожарите во Бугарија мобилизираа армија, пожарникари и странска помош – најкритично кај селото Илинденци

Пожарите кои беснеат во Бугарија ја мобилизираа целата расположлива техника и човечки ресурси на бугарските Воздушни сили, како и стотици пожарникари и доброволци, јавува БГНЕС.

Најтешка е ситуацијата кај селото Илинденци, општина Струмјани, каде огнената стихија зафатила над 12.000 декари шумски и земјоделски површини. Повеќе од 200 пожарникари, војници и доброволци се на терен, но пожарот сè уште не е ставен под контрола и продолжува да се шири од шумата кон нивите.

Во гаснењето по воздух се вклучени два хеликоптери на бугарските Военовоздушни сили, како и по еден хеликоптер од Унгарија и Словачка. Денес од 24-тата воздухопловна база во Крумово полета хеликоптер „Кугар“ со два екипажа, кој трети ден по ред учествува во гаснењето над Илинденци и Плоски. Ним им се придружија словачки „Black Hawk“ и унгарски „Caracal“.

Иако населените места во регионот засега се безбедни, состојбата останува критична.

Во регионот на Тополовград, пожарот попладнево се прошири, отворајќи нов фронт меѓу селата Срем и Устрем. Поради опасноста беа повикани два дополнителни хеликоптери за да помогнат во гаснењето, а беше активирана и националната аларм-система BG-ALERT за предупредување на жителите. Патот меѓу Устрем и Радовец е затворен.

За поефикасна акција, се организираат координациски брифинзи со странските екипажи, а воспоставени се радиофреквенции за комуникација „воздух-земја“. Во готовност за логистичка поддршка е и авиобазата во Безмер, која може да прифаќа и сервисира хеликоптери во регионот на Југоисточна Бугарија.

Воздушните сили на Бугарија остануваат во состојба на готовност да се вклучат со дополнителни летала за заштита на населението.

Слични Објави