|

Марија Сутиќ-единствената жена во четата на Георги Бенковски

Марија Сутиќ е родена во семејството на абаџијата Ангел хаџи Петков и неговата сопруга Елена, во маалото „Вароша“, во близина на црквата „Св. Богородица“ во Пазарджик, пишува БГНЕС. Учела во локалното килијно училиште, а нејзин учител бил Илија Икономов. Кога била млада девојка, била земена од семејството на Георги Консулов и одведена во Белово како помошничка во домаќинството на Консулови. Се мажи за Иван Сутиќ (Шутиќ) од Дубровник, денешна Хрватска, кој во 1876 година работел во Белово на изградбата на Барон-Хиршовата железница. Марија и Иван живееле во Белово. Кога при своите обиколки низ земјата во април 1876 година коњаницата, предводена од Георги Бенковски, го посетува и Белово, Иван Сутиќ решава да тргне со неа. Со него тргнува и Марија. Тоа се случува на 27 април 1876 година, и така таа станува единствената жена во составот на четата на Бенковски.

При една борба во близина на с. Липјан, Тетевенско, таа е заробена со дел од востаниците. Однесена е во Софија и поминува 3 месеци во ќелиите на Црната џамија, изложена на страдања, потсмев и безброј понижувања, но устојува на обидите да ја потурчат. Како резултат на застапништвото на странските конзули и најмногу поради странското поданство на нејзиниот сопруг, Марија и Иван биле ослободени.

Набргу по Ослободувањето во 1878 година, Иван Сутиќ умира. Во 1907 година таа повторно се мажи за Димитар Овчаров, началник на поштата во маалото „Кршијака“ во Пловдив. Марија Сутиќ нема свои родени деца. Ги посвојува двете помали деца на нејзиниот втор сопруг: синот – Борис Димитров Овчаров, роден во 1898 година и ќерката – Мара Димитрова Овчарова, родена во 1906 година.

Во 1975 година, во спомен на Марија Сутиќ, Општина Белово му доверува на уметникот Тодор Прванов да изработи нејзина бистa-споменик. Следната година бистата е завршена и поставена во градската алеја врз гранитен правоаголен постамент, со испишан текст: „Марија Сутиќ 1876, единствената жена-воин во четата на Бенковски“.

Во 2007 година, по иницијатива на Регионалниот историски музеј – Пазарджик, нејзина биста-паметник, изработена од скулпторот Спас Киричев, е поставена во алејата на преродбениците во нејзиниот роден град Пазарджик.

Слични Објави