Легендата за Иван Михајлов немаше да биде истата без заборавениот Димитар Ачков
Велислав Илиев/БГНЕС
Од античките времиња до денес, филозофите се занимаваат со морални категории како доброто. Сепак, тешко може да се изведе универзална дефиниција за тоа што е добро, а што е зло. Човечките сфаќања за овие две поими повеќе се определуваат од средината во која индивидот се социјализира, а нејзините вредности ги задаваат параметрите на човечкото однесување. Токму затоа различни луѓе често се разминуваат во оценките за еден ист настан. Таков е случајот со последниот водач на историското ВМРО – Иван Михајлов. За едни тој засекогаш ќе остане херој и пример за однесување, додека за други ќе биде грешник. Иако различните вредности и идеолошки сфаќања водат кон различни оценки, објективната анализа води кон еден неизбежен заклучок – човекот роден на 26 август 1896 година, во штипската маала Ново Село е личност од светски размери, која долги години била клучен фактор во формирањето на балканската политика.
Историјата често е неправедна. Нејзини миленици се големите политички лидери, завојувачи и научници што стигнале до судбоносни откритија. Но таа често молчи за сите оние луѓе, на чиј грб стоеле великаните за да го достигнат пиедесталот од кој ги гледаме денес. Иван Михајлов останал во нашата историја со непоколебливоста и цврстината на револуционерниот водач, но и со онаа таинственост на конспираторот кој минува децении во прогонство, работел под различни имиња и никој не знаел каков ќе биде неговиот следен потег. Постојат уште еден суштински елемент од легендата за Иван Михајлов, без кој таа немаше да биде иста – пријателството! Покрај „последниот комита“, имињата на многу од неговите другари се покриле со слава. Најпознати примери се Кирил Дрангов, Владимир Куртев, Мара Бунева и Владо Черноземски. Но има личности кои му помагале на Михајлов во најмрачните часови, а историјата не била праведна кон нив.
Неизбежен дел од патот на херојот е искушението, а најголемото такво за Иван Михајлов доаѓа во 1934 година. На 19 мај истата година, преку преврат, власта во Бугарија е преземена од пројугословенски елементи. Настојувајќи да му угодат на Белград, новите управници ја прогласуваат ВМРО за незаконска, а нејзиниот водач е задочно осуден на смрт. Во редовите на организацијата има над 20 000 добро вооружени и искусни борци, кои можат да дадат отпор на секој обид за репресија. Но Иван Михајлов ја согледува опасноста од крвава граѓанска војна и, воден од чувството за национална одговорност, им наредува на војводите и четниците мирно да се разоружаат. Тој самиот се наоѓа во смртна опасност и мора да ја напушти земјата.
На 10 спрема 11 септември Михајлов, заедно со сопругата Мелпомена (Менча) Крничева, преминува нелегално во Турција. Еден од луѓето кои го помагаат ова бегство е Димитар Ачков. Но кој е овој човек, чието име е непознато дури и за најупатените во историјата на ослободителното движење на македонските Бугари?
Ачков е роден во септември 1874 година во Прилеп и е внук на првиот старозагорски митрополит Методиј Кусев. Се школува во Киевската духовна семинарија, а потоа на Правниот факултет на Софискиот универзитет. Во 1899 година е еден од основачите на Македонското друштво во Стара Загора, за чие создавање посредува и неговиот вујко. Се вклучува во редовите на ВМРО и учествува во подготовката на Илинденско-Преображенското востание. Ачков е пратеник во XIII ОНС (1903–1907). Учествува во Балканската и Првата светска војна, и е одликуван со медал за храброст. Судбоносно е тоа што во 1913 година Ачков се спријателува со турскиот воен аташе во Софија Мустафа Кемал Ататурк. Прилепчанецот посредува идниот турски претседател да се сретне со тогашниот бугарски воен министер Стилијан Ковачев. Токму пријателството меѓу Ачков и Ататурк го спасува животот на Иван Михајлов во 1934 година. Благодарение на застапништвото на Ачков, водачот на ВМРО добива политички азил во Турција и се спасува од екстрадиција во Бугарија, каде што го очекува сигурна смрт.
Од тој момент натаму Иван Михајлов живее во прогонство до крајот на својот живот, кој завршува на 5 септември 1990 година во Рим. По престојот кај Ататурк, последниот комита живее во Полска, Хрватска (во годините на Втората светска војна) и Италија. Во овој период тој поминува само неколку дена во Бугарија и Македонија (која во периодот 1941–1944 година е администрирана од Бугарското царство), и тоа дури во септември 1944 година. Краткото патување на Радко (еден од најпознатите псевдоними на Иван Михајлов) е поврзано со предлогот на германската разузнавачка служба Македонија да добие независност, а самиот лидер на ВМРО да застане на чело на новата држава. Михајлов патува за Скопје за да го дискутира прашањето со своите најблиски соработници. Откако бугарската војска ослободува голем дел од Вардарска Македонија во 1941 година, во Скопје се настанил и Димитар Ачков. Токму во неговиот дом е организирана средбата меѓу Иван Михајлов и градоначалникот на градот Спиро Китинчев. Михајлов се среќава и со други дејци на ВМРО и сите едногласно оценуваат дека предлогот на Германија дошол предоцна, бидејќи Вермахтот трпи порази на целиот Источен фронт, а Црвената армија веќе е на Дунав и се подготвува да ја окупира Бугарија. За уште еден пат раководството на ВМРО покажува национално одговорно однесување и одбива да се впушти во авантура која дополнително би ја влошила положбата на македонските Бугари.
Поразот на Бугарија во Втората светска војна се покажува кобен за македонските Бугари. Вардарска Македонија влегува во составот на Федеративна Република Југославија, а диктаторот Јосип Броз Тито започнува насилна македонизација на бугарското население. Истото го доживуваат и Бугарите во Пиринска Македонија, а само раздорoт меѓу Тито и Сталин ги спасува од тажната судбина на своите браќа крај Вардар. Иван Михајлов, сепак, преживува и иако живее во прогонство, го посветува остатокот од својот живот на публицистиката, преку која ја раскажува вистината за националниот карактер на населението во Македонија и борбата на ВМРО. Последниот комита дури го доживува падот на комунизмот во Источна Европа и успева да ја каже вистината пред бугарската телевизија, само неколку месеци пред својата смрт. Денес секој може да слушне на YouTube како легендарниот водач на македонските Бугари вели дека за него „нема разлика меѓу Бугарија и Македонија“ и дека „целото е Бугарија“. Тоа, сепак, немаше да биде можно доколку во далечната 1934 година интервенцијата на Димитар Ачков не го спасеше животот на револуционерот. Малкумина знаат кога и каде овој виден Бугарин го завршува својот земен пат (26 април 1956 година), но без овој заборавен херој легендата за големиот Радко немаше да биде завршена.

