Европската унија (конечно) има проблем со Белград
Душан Јаниќ/Le Courrier des Balkans/БГНЕС
Брисел (конечно) го повиши тонот кон Белград по насилствата што ги обележаа студентските и граѓанските протести, како и вербалните напади на претседателот Вучиќ против одредени европратеници. Дали дојде време за санкции? Последниве неколку дена европските лидери ја разгледуваат можноста да запрат дел од фондовите наменети за Србија, да воведат целни санкции против одредени политичари, па дури и да ја доведат во прашање севкупната соработка.
Комесарката за проширување Марта Кос призна дека Унијата има „проблем со Белград“ и нагласи дека довербата во европскиот ангажман на Србија „е во опаѓање“. Ретко Унијата има користено ваква реторика кон земја кандидат од Западен Балкан. Останува да се види дали овие изјави ќе доведат до конкретни мерки против српскиот претседател и неговиот режим.
За време на пленарната сесија во Стразбур, Европскиот парламент организираше итна расправа за состојбата на демократијата во Србија и насилството за време на последните протести. Уште пред почетокот на дискусиите една порака имаше силен политички ефект: Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (ЕНП), изјави дека политичкото семејство на европската десница ќе го „преиспита“ во наредните денови членството на Српската напредна партија (СНП) во оваа група.
„Не сме слепи за настаните и сликите што ни пристигнуваат од Србија“, истакна тој.
Ова дистанцирање е повеќезначно: досега ЕНП во голема мера ја бранеше српската власт од критики, претставувајќи за неа мрежа на влијание и штит во Европската комисија и во престолнините на неколку земји членки. Прашањето сега е дали Александар Вучиќ навистина ја губи својата главна поддршка во ЕУ.
По враќањето од посетата на Пекинг, српскиот шеф на државата предизвика бурна реакција, нарекувајќи ги европратениците од групите на Зелените и Renew, присутни на протестите во Нови Сад, „ѓубре“ и обвинувајќи ги дека поттикнуваат насилство. Овие изјави, во комбинација со сликите на репресии и сè поочигледното авторитарно постапување, дополнително ја засилија тврдата позиција на различните европски политички групи.
Брисел веќе не може да дава подароци на режим кој користи само палки против своите граѓани. За време на дебатата социјалистите, Зелените и Renew изразија особено остра критика, на која се приклучија сè повеќе пратеници од ЕНП.
Претседателката на Парламентот Роберта Мецола (ЕНП, Малта) потсети дека Србија треба да се однесува со почит кон европратениците и најави дека ќе го покрене прашањето пред претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ.
Австриецот Рајнхолд Лопатка исто така од редовите на ЕНП, изјави дека „Србија го напуштила европскиот пат“.
Тонот се заостри и кај Renew:
„Српските граѓани се добредојдени во Европската унија, но не и режимот на Вучиќ“, изјави Австриецот Хелмут Брандштетер. Хрватскиот социјалист Тонино Пицула го сумира незадоволството на многу пратеници: „Брисел не може повеќе да дава подароци на режим кој користи само насилство против своите граѓани.“
Од своја страна, лидерите на Зелените, Вула Цеци и Бас Ејкхаут, побараа јасна реакција од европските лидери:
„Вучиќ се сметаше за недопирлив, бидејќи неговите сојузници во Унијата молчеа. Време е Европа да говори со еден глас.“
Бас Ејкхаут дури предложи делумно замрзнување на средствата од Планот за раст, наменети за зајакнување на владеењето на правото во Србија.
„Унијата располага со многу алатки: санкции, политички притисок за отворање на демократскиот простор, организирање нови избори, запирање на репресиите против граѓаните и медиумите“, објасни Вула Цеци.
Таа прецизираше дека евентуалните санкции треба да бидат насочени кон власта, а не кон населението, и да бидат придружени со мерки за солидарност со граѓаните. Во оваа напната атмосфера, мисија на Европскиот парламент за утврдување на фактите ќе ја посети Србија во блиска иднина за да води дијалог со сите страни.
„Ќе и предложиме на Комисијата да ја разгледа соодветноста на одржувањето на финансиската поддршка, сè додека не се забележи напредок во областа на демократијата и владеењето на правото“, објасни словенечкиот европратеник од Зелената партија Владимир Пребилич.
Сегашниот режим веќе не може да нуди илузија на стабилност за Европската унија.
Вучиќ веќе не е во состојба да понуди решенија за клучни прашања, од литиумот до Косово.
Од своја страна, лидерите на српската опозиција ги засилија своите повици до Брисел, со години обвинувајќи ја Унијата дека ги затвора очите во име на „стабилократијата“. Билјана Ѓорѓевиќ од Зелената левица (ZLF) побара персонализирани санкции, насочени директно кон Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ, Ивица Дачиќ и новиот премиер Ѓуро Мацут, во форма на забрана за патување и замрзнување на имот.
Здравко Понош (Србија Центар) и Борко Стефановиќ (Партија на слободата и правдата, ПСС) ја повикуваат Унијата да ја игра улогата на посредник за да го олесни излезот од политичката криза. Тие инсистираат на итно започнување на овој дијалог, додека студентското движење, кое стана главна сила на протестите, покажува сè поголемо нетрпение пред репресиите.
Во Брисел едно прашање се повторува со настојчивост: би довела ли евентуалната промена на власта во Србија до хаос со непредвидливи регионални последици?
„Сегашниот режим веќе не може да нуди илузија на стабилност на Европската унија. Вучиќ веќе не е во состојба да понуди решенија за клучни прашања, од литиумот до Косово. Унијата нема никаква причина да го третира поинаку од Александар Лукашенко“, заклучува Здравко Понош.
Сепак, во неколку престолнини останува стравот дека отворена конфронтација со српскиот претседател би можела уште повеќе да го турне во прегратките на Пекинг и Москва…

