Алиу: Ќе ја поддржиме стоматологијата со иновации и образование, квалитетот е приоритет
Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа се обрати на отворањето на 10. конгрес на Македонското стоматолошко друштво, кој се одржува на тема „Иднината на совршеност во стоматологијата: уметност на науката, знаењето и вештините“.
Алиу посочи дека здравството го гледа како комплексен систем во кој сите елементи мора да функционираат поврзано, со транспарентност, ред и доверба, без импровизации и компромиси на штета на пациентите.
„Стоматологијата во светот оди напред со невидено темпо – вештачката интелигенција, роботиката, дигитализацијата и телемедицината целосно го менуваат начинот на кој му се служи на пациентот. Иднината е веќе тука и ние имаме обврска да бидеме дел од неа“, истакна министерот.
Тој додаде дека за да се стигне до таа иднина потребни се темели врзани за професионализам, интегритет и одговорност, а Конгресот е доказ за волјата и капацитетот на македонските стоматолози да постават нови стандарди и да ја задржат довербата на граѓаните.
„Никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа и довербата на граѓаните. Ќе ја поддржиме стоматологијата со политики што ќе стимулираат образование, иновации и транспарентност. Само така ќе изградиме силен и правичен систем за сите,“ нагласи Алиу.
