| |

„Дипломатскиот“ напад врз бугарската амбасада-нова лекција!

Владимир Перев

1.
Нападот врз бугарската амбасада во Скопје и скршеното стакло на влезната врата, не го предизвикаа соодветниот интерес кај македонската јавност. Стана некако “нормално“, припадниците на бугарската заедница во Северна Македонија да бидат шиканирани и стигматизирани, а физичките напади врз нив да поминуваат неказнето. Тоа стана специјалност на владеењето на ВМРО ДПМНЕ уште од времето на Груевски и насилието врз старците за време на чествувањето на Мара Бунева, во едно не толку дамнешно време, но сепак намерно подзаборавено. И не само тоа. Пред неколку дена, претседателката Гордана Сиљановска Давкова во емисијата “Тема на денот“ на ТВ Сител, некаде околу дваесетата минута, ја искажа генијалната, ослободителна мисла за целото македонско/македонистичко општество: ете, се појави и еден со бугарско самосознание и кажа дека тој вандалски чин, тоа дело, не е извршено од етнички македонец“. Така, вели Претседателката, “се надминаа сите оние изјави со кои се ставаше нашата земја во определена положба…“, или така некако, цитирано по слободно сеќавање. 

2. 
Поупатените знаат точно за која личност со “бугарско самосознание“ станува збор. Тоа е македонецот/македонскиот бугарин, Петар Колев од Штип, основачот на партијата ГДУ, која не успеа да собере гласови за да влезе во македонскиот парламент. За оние уште поупатените, станува јасно на што мислел Петар Колев кога говорел за не-етнички македонец и на каде врвела неговата инсинуација за “замешателства“ за кои се нема јасни сознанија. Но, тој е сопственик на порталот “Taralej.bg“ и таму веројатно ќе ги доразвие своите размисли, ама ние овде остануваме со Претседателката и некои нешта треба да ги дообјасниме. 

3. 
Кои се тие не-етнички македонци и од каде доаѓа нивната опседнатост да го искршат влезното стакло на бугарската амбасада, или пак да нападнат или дури и повредат некого. 

Нема, не постојат јасни сознанија дека некоја од другите етнички не-македонски заедници има таква омраза кон бугарското општество, кон бугарската држава или пак кон бугарскиот (не)малуброен народ во Северна Македонија, за да презема такви чекори на радикално насилство со политички последици, како што е напад на дипломатско претставништво. Просто речено, етничките заедници на не-етничките македонци, низ процесот на образование и општествено влијание, се во принцип македонистички дизајнирани. Тоа е наследство од минатите времиња, од југословенизацијата на земјата со сите последици за нас, но и за нив. Најбројна етничка заедница овде е делот од албанскиот народ, но тие немаат некакви посебни причини, ниту да се “справуваат“ со македонските бугари, а уште помалку да вршат напади врз дипломатското претставништво. Политичките репрезенти на албанците во Македонија целосно го поддржуваат патот на земјата кон ЕУ, свесни за пречките по тој пат и со мненија за надминување на проблемите. Да, ги има и такви кои реално ја согледуваат ситуацијата во земјата и нејзиниот напредок, како на пример Арсим Зеколи, Ким Мехмети или Керим Лита, ама нивните гласови се “гласот на жедниот во пустината“. Покојните Арбен Џафери и Алајдин Демири имаа многу јасни позиции на линијата МКД-ЕУ-БГ, ама тие одамна не се меѓу нас. Но имаше и македонски дипломат, Абдурахма Алити, кој со невидена енергија ги поддржуваше сепаратистичките баханалии на ОМовци во Пиринско…нешто кое никогаш не си го дозволил ниту еден македонски или бившојугословенски амбасадор, дури ни во времето 1945-48 година, па ни потоа. Сите други се апологетски приврзани кон актуелниот македонизам во своите јавни настапи, не сакаат да се занимават со проблемот на македонските бугари или бугарскиот историски наратив и континуитет овде. И во право се, никој не сака да се занимава со губитници…барем тоа беа до пред неколку години! 

Турскиот етникум во Македонија со својата завидна бројка, не сака да се меша воопшто во македонско-бугарските одност. Тешко дека некој од таа етничка општност би се пројавил како “херој“ кој ќе ја нападне амбасадата, тоа е туѓо на нивниот политички менталитет овде. 

Истото може да се каже и за Власите во земјава, удобно сместени низ сите институции и без никаква потреба да политички македонско-бугарски замешателства…тие се недопирливи. Ромите, египтјаните, бошнаците и ред други етнички заедници имаат толку свои проблеми за решавање, што последно би им паднало на памет да ги помагаат етничките македонци во нивните безумни расправии со бугарите. Остануваат само србите, “вековните непријатели“ на бугарите на македонската почва. Но, поминаа времињата на мрачните акции на српската војска и полиција на територијата на Вардарско. Сега тие си имаат свој вицепремиер и министер за односи со заедниците. Иван Стоиљковиќ е човекот кој ја работи сета онаа работа, со која Македонија сеуште тапка по патот кон ЕУ, а живее во наметнатите илузии за “балкански или српски свет“, за крвавото југословенско заедништво и за тоа како сме биле “ослободени“ од српската војска во 1918 година, ама и секогаш потоа. Тоа министерство не дава да се одмориме, ниту да се ослободиме од Кајмакчалан, Брегалница, Зебрњак и ред други чествувања. Гарантирано, дури е Стиољковиќ и ДПМНЕ на власт, ниту еден србин нема да посегне со рака на бугарската амбасада. 

4. 
Прашањето е “кој“. Службите треба да одговорат на тоа прашање, а Претседателката, ако веќе влегла во виорот на нејасни објаснувања, тогаш јасно да објасни “зошто“. Прашањето е дали се работи за организиран чин, или е дејство на “слободен стрелец“, но во секој случај треба да се бараат организаторите или поттикнувачите на тоа (не)дело. Дали се работи за свесен акт, или е тоа чин на некоја “непресметлива“ личност? Дури и да е така, се појавуваат нови дилеми кои бараат стручни одговори. Како тоа некој непресметлив ја нападнал баш бугарската амбасада, а не ја нападнал руската или американската. Ако баш се работи и за некаков “патриот“, зошто не ја нападнал француската амбасада која е креатор на ветото и ‘францускиот предлог“, туку бугарската. Или, како што мислат многумина, се работи за “историска“ неказнивост во однос на Бугарија и егзистенцијата на македонските бугари. 

5. 
Не беше толку одамна кога партијата “Десна“ на садистот и двострук убиец Љупчо Палевски-Палчо, демонстрираше пред бугарската амбасада во Скопје и на затворената улица за сообраќај, активистите го цртаа знамето од Вергина. На прашањето на еден од обичните минувачи, зошто пред бугарската амбасада го цртаат симболот од Вергина, а не пред грчката, одговорот на еден од активистите беше сосема вообичаен-за овде, пред бугарите никој нема да не казнува. 

Токму таа неказнивост е злото на целото наше општество. 

Тоа Претседателката треба да го објасни! 



Слични Објави