| |

Две илјади мажи и илјада жени го блокираат патот на Македонија кон ЕУ

Костадин Филипов/Труд

Новинарот Владо Перев ми испрати од Скопје линк до текст во тамошниот дневен весник „Нова Македонија“. Ние двајцата имаме обичај да си разменуваме публикации што ни изгледаат интересни и за кои претпоставуваме дека можеби некој од нас ги пропуштил. Владо редовно ми ги испраќа и своите авторски текстови, кои, признавам, ги читам со големо задоволство. Најмалку поради тоа што ми е пријател, а второ, поради поинаквата гледна точка во повеќето од нив, каква што не може често да се сретне во општиот хор на пропагандата што се излева во медиумите крај Вардар. Често се шегуваме дека колку повеќе старее, толку неговото перо станува поостро, попрецизно и помајсторско. Како што се вели, да му ја имам староста на Владо Перев.

Овојпат, меѓутоа, текстот чии „координати“ ми ги испрати не беше негов. Авторот е човек од тешката артилерија на новинарството во Северна Македонија – Панде Колемишевски, а насловот е „Две илјади мажи и илјада жени го блокираат патот на Македонија кон ЕУ“. Што може да си помисли човек кога ќе види ваков наслов? Мојата прва помисла, уште пред да почнам да го читам, беше дека веројатно станува збор за претставници на естаблишментот – ах, колку добро се вклопува овој странски збор во скопскиот бирократски сленг, кој сака да „помакедончува“ и да употребува слични термини како знак на интелектуална надмоќ! – кои од една или од друга причина го попречуваат европскиот пат на Северна Македонија. Во истиот миг ми се појавија дури и ликовите на некои конкретни политичари од највисоките врвови на власта во земјата, а пред сè премиерот Христијан Мицкоски. Е, за миг се појави и Тимчо Муцунски, шефот на дипломатијата и надворешната трговија, но брзо беше заменет со ликот на претседателката, професорката Гордана Сиљановска-Давкова. Што друго би можел да си помисли човек, освен да го насочи своето внимание кон оние личности што ги имаат во свои раце и ножот и лебот, односно инструментите со кои би можеле да го решат проблемот со интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. И посочената бројка – две илјади мажи и илјада жени – целосно се совпаѓа со претставата за тој административен капак над државните институции, кој ги донесува управувачките одлуки, им наложува на другите да ги спроведуваат и, според скопската градска терминологија, се определува како „луѓето од Водно“. Станува збор за ридот над градот, во чие подножје се наоѓаат луксузните домови и куќи на старата и новата номенклатура, која и порано и сега се чувствува удобно и комотно во сите времиња и на сите нивоа во државните структури. За миг се посомневав дека токму Панде Колемишевски, авторот на текстот, би можел да биде човекот што ќе ја разоткрие вистината за мотивите на овие луѓе да го запираат движењето на сопствената земја кон европското членство, но си реков: којзнае, можеби и тој на стари години ја согледал вистината и решил јавно да ја покаже.

Е, наскоро сè стана јасно. Прво, Панде Колемишевски од Ресен не е случајна фигура во новинарството во Република Северна Македонија. Кога почнав да работам во Скопје, тој сè уште беше генерален директор на медиумскиот мастодонт НИП „Нова Македонија“. НИП значи новинско-издавачко претпријатие. НИП „Нова Македонија“ ги имаше концентрирано сите печатени изданија на неколку јазици и од неколку жанрови, а водечки меѓу нив беше дневниот весник „Нова Македонија“. Нивна беше и единствената печатница, како и дистрибутивната мрежа низ целата република. Други немаше. Вистински монополист во медиумскиот простор, целосно во стилот на управувањето во времето на Титова Југославија, кога идеологијата наоѓаше такви форми на општествено присуство и влијание каква што беше НИП. Како се станува и како долги години се опстојува како раководител на една таква институција?

Да се вратиме на текстот за мажите и жените што го блокираат патот на Северна Македонија кон европското членство. Според Колемишевски, тоа се оние 3.504 граѓани на Република Северна Македонија кои на пописот во 2021 година се изјасниле како Бугари. Тие претставуваат 0,19 проценти од резидентното население на државата. Од нив, 2.121 се мажи, а 1.383 се жени. „Тие се причината, тие се ѕидот што ја спречува Република Македонија да се движи кон Европската Унија, тоа е бројката со која бугарската официјална политика злоупотребува во своите национални и територијални аспирации кон Македонија“, констатира авторот. Е, во насловот работите се претставени наедро – две илјади мажи и илјада жени, од кои повеќето, според Колемишевски, се регистрирани во струмичкиот регион, но ги има и во одделни семејства низ целата територија на државата.

Го оставам настрана фактот што авторот, дел од некогашната тешка комунистичка номенклатура во новинарството, својата земја не ја нарекува со нејзиното сегашно уставно име „Северна“. Го оставам настрана и фактот што и четири години по споменатиот попис остануваат сомневањата за манипулативниот однос кон граѓаните на Северна Македонија кои сакале да се изјаснат како Бугари. Никој не може да ме убеди дека при анкетирањето биле почитувани сите демократски правила за слободно изразување на волјата, најмалку затоа што одлично ги познавам механизмите и суптилните методи на административен и секаков друг притисок што во такви случаи се применува од другата страна. Колемишевски посочува уште еден аргумент во одбрана на својата теза – оние нешто повеќе од 300 луѓе кои од 2021 година наваму се пријавуваат да гласаат во бугарската амбасада во Скопје или во другите избирачки места за време на циклусот од неколку парламентарни избори што се одржуваа кај нас. Воопшто, целата сугестија на авторот е дека не вреди да се менува Уставот поради толку мал контингент македонски граѓани со бугарска самосвест. И не само тоа – тие се пречката за европската интеграција на Северна Македонија и треба да ја преземат вината за тоа. Извинете, зар ова не сме го слушале во некои други времиња и по некои други поводи?

Доколку во денешна Република Северна Македонија постои нешто што ја издвојува од сите други поранешни југословенски републики, а можеби и од останатите држави во регионот, тоа е леснотијата со која се лепат етикети од секаков вид и по секаков повод. Водечкото место во една таква класификација го зазема определбата „предавник“, која, покрај својата современа димензија, има и сопствена историска традиција. Само што си отстапил од официјалната теза дека македонскиот идентитет има вековни корени на оваа територија, веднаш те нарекле „предавник“. Само што си помислил дека твоите предци се чувствувале како Бугари, веднаш те наредиле до ѕидот за јавен линч. Такви работи има во изобилство.

Кога велам дека Панде Колемишевски не е случајна фигура, имам предвид и нешто друго. Пред неколку години, додека сè уште работев во Скопје, беше спроведена анкета за тоа кое е највлијателното лоби во општеството во Република Македонија. Доколку не се лажам, истражувањето го спроведе неделникот за економија и финансии „Капитал“, чиј сопственик и главен уредник беше новинарот Љупчо Зиков. Можеби токму затоа како највлијателно лоби во Република Македонија беше посочено влашкото, на кое му припаѓа и Зиков. По него, на второто место беше рангирано штипското лоби, веројатно поради тогашниот претседател Киро Глигоров и другите влијателни политички фигури во земјата родени во градот крај реката Брегалница. А тука е и историјата, нели, со нејзините херои… На третото место беа лекарите, поради нивниот општествен статус. Никогаш не стана јасно кој бил критериумот за ова рангирање, бидејќи кај сите три лобија „качени на почесниот подиум“ во преден план излегуваат различни мотиви – етнички, регионални и хуманитарни. Кого и да прашате денес крај Вардар, ќе ви каже дека таму каде што се Власите во управувањето со државата, таму се и парите. И обратно, таму каде што има финансии и ресурси – тие се таму. Постои и една друга карактеристика што им се припишува на Власите, но нема да ја споменувам, за да не се спуштам на нивото на предметниот автор.

По своето потекло, Колемишевски е Влав и тој никогаш не го криел тоа. Напротив, дури се гордее со него. Нема ништо лошо во тоа, секој има право да се чувствува онака како што сака или како што самиот се разбира. И Власите во Северна Македонија се впишани во основниот закон на државата – Уставот. За нив може, а за Бугарите не може, така ли? Што е ова – сегрегација, некаква форма на модерен расизам или нешто трето? Во секој случај, одамна не сум сретнал поопасна, поневистинита и понавредлива теза. Следниот чекор е да се објави список со имињата и адресите на сите оние 3.504 луѓе за кои станува збор, со цел нивно морално и, не дај Боже, физичко малтретирање.

Може и „наедро“, како што се вели – две илјади мажи и илјада жени.

Слични Објави