Бугарија и САД разговараа за заеднички обуки и соработка во граничната безбедност
Главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, главниот комесар Љубомир Николов, се сретна со раководителот на Граничната патрола на САД, Росарио Васкез, со кого разговараше за продлабочување на соработката меѓу граничните служби на двете земји, соопшти Амбасадата на САД во Софија на Фејсбук.
На средбата беа разгледани заедничките предизвици во областа на граничната безбедност, управувањето со границите и можностите за унапредување на соработката меѓу бугарските и американските надлежни органи.
„Разговорот беше насочен кон конкретни следни чекори, вклучително и заеднички обуки и размена на експерти“, се наведува во објавата на Амбасадата.
Според Амбасадата, овие активности ќе им овозможат на двете страни непосредно да се запознаат со практиките што ги применуваат и да ја зајакнат заедничката работа на терен.

