Бугарскиот министер за образование В’лчев: Образованието е натпартиска кауза што бара заеднички напори
Државата и општините треба да се движат во иста насока за да се постигнат подобри резултати во образованието. Ова го изјави министерот за образование на Бугарија, Георги В’лчев на форумот „Општините поблиску до училиштата – од одговорности кон вистинско учество“, во рамките на Годишната средба на Националното здружение на општините во Република Бугарија (НСОРБ), јавува 24 Часа.
Тој нагласи дека образованието е натпартиска кауза и дека повисокиот квалитет на образованието бара заеднички напори од државата, општините, училиштата и семејствата. Според него, неопходно е институциите да работат во партнерство и да бараат решенија приспособени на конкретните потреби на одделните региони.
Во таа насока, В’лчев соопшти дека започнуваат средби во сите 28 области во земјата со претставници на образовниот систем, локалната власт и бизнис-секторот. Целта е да се разгледаат предизвиците со кои се соочува образованието на локално ниво и да се утврдат конкретни мерки за нивно надминување.
На форумот беа претставени резултати од истражување на социолошката агенција „Тренд“ за ставовите кон училишното образование. Над 50 проценти од испитаниците ја определуваат слабата дисциплина како еден од главните проблеми, а 47 проценти го посочуваат нејзиното подобрување како приоритет. Исто толкав процент го издвојуваат квалитетот на наставниците како важен фактор за добро образование. Според 49 проценти од учесниците, училиштето треба да нуди повеќе практични активности.
Во однос на подобрувањето на дисциплината, Министерството за образование и наука веќе претстави пакет мерки што вклучува поголем акцент врз превенцијата и раната поддршка за учениците, поактивна соработка со семејствата и воведување единствен систем на поттикнувања, предупредувачки и корективни мерки и санкции.
