| |

Над 10 загинати во две големи сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија

Повеќе од 10 лица загинале, а над 70 возила учествувале во две големи сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“, во близина на Јамбол, Бугарија, соопшти областниот управител на Сливен, Михаил Кашеров, кој се наоѓа на местото на несреќите, јавува БТА.

„Глетката е неопислива, во животот не сум видел нешто вакво“, изјави Кашеров пред новинарите.

Според неговите информации, во обласната болница во Сливен биле пренесени 18 повредени лица, од кои тројца се во многу тешка состојба и се сместени на одделот за интензивна нега.

Кашеров посочи дека хеликоптерите се во готовност, доколку биде потребно, тешко повредените да бидат пренесени во Бургас, од каде што би можеле да бидат транспортирани со воениот авион „Спартан“.

Тој појасни дека тројцата пациенти на интензивна нега најпрво треба да добијат соодветна медицинска помош во болницата, по што ќе биде проценето дали е неопходно нивно префрлање во Бургас.

Според последните информации што ги соопшти Кашеров, во болницата во Јамбол се хоспитализирани 13 лица.

Бугарското Министерство за одбрана претходно соопшти дека воениот авион „Спартан“ се наоѓа на аеродромот во Бургас и е подготвен да помогне при транспортот на повредените.

Обласниот управител на Сливен информираше и дека разговарал со министерката за здравство Катја Ивкова, која најавила дека, доколку биде потребно, ќе биде обезбеден и втор воен авион „Спартан“.

Слични Објави