| |

Бугарската државна агенција „Архиви“ доби знаме од Илинденско-преображенското востание кое се сметало за исчезнато

Бугарската државна агенција „Архиви“ доби знаме од Илинденско-Преображенското востание, кое со децении се сметало за исчезнато. Историската реликвија ја подарила Марија Атанасова, наследничка на учесници во револуционерните борби во Македонија и Одринско, чие семејство го чувало знамето во изминатите децении, јавува БТА.

Станува збор за борбеното знаме на четата од селото Загоричани, Костурско, која учествувала во Илинденско-Преображенското востание во летото 1903 година.

„Знамето учествувало во борби и носи траги од нив. На три места е пробиено од куршуми, а од едната страна било искинато“, изјави претседателот на бугарската Државна агенција „Архиви“, доц. д-р Михаил Груев.

Според Груев, реликвијата ја спасил дедото на Марија Атанасова, Петар Марков, кој го презел знамето од комита загинат во борба, чиј идентитет засега не е утврден.

Заедно со знамето била зачувана и фотографија на која од левата страна се гледа Петар Марков, а од десната комитата од кого го презел знамето.

Знамето било сошиено кон крајот на 19 или почетокот на 20 век од Маслинка Грнчарова, учителка во Загоричани и мајка на неговиот прв знаменосец. Засега не е познато дали станува збор за истиот четник што се наоѓа на фотографијата, објасни Груев.

По задушувањето на востанието, историската реликвија била пренесена во Софија. Во еден период знамето било поставено над посмртните останки на Гоце Делчев во Македонскиот културен дом.

За време на Втората светска војна било вратено во Загоричани, каде што, според Груев, свечено го пречекале локалните Бугари. До неодамна се сметало дека знамето исчезнало или било запалено во селото по 1944 година.

Благодарение на предците на Марија Атанасова, знамето било пренесено во Бугарија и зачувано и покрај репресиите врз дејците на ВМРО по 1944 година. Подоцна Атанасова го пренела надвор од Бугарија, каде што продолжила да го чува.

Груев објасни дека знамето било реставрирано во Виена по иницијатива на Атанасова и поставено во херметички затворена стаклена рамка за да се заштити од избледување и оштетување од молци.

Претседателот на агенцијата му ја предаде реликвијата на Јордан Симов, директор на Регионалниот државен архив во Софија, каде што привремено ќе се чува.

По спроведувањето на потребните истражувачки и архивски постапки, како и по завршувањето на обновата на Институтот за историја на бугарската емиграција во Северна Америка „Илија Гаџев“ во градот Гоце Делчев, знамето ќе биде трајно сместено во оваа институција.

Според најавите на бугарската Државна агенција „Архиви“, историската реликвија ќе биде изложена во Регионалниот државен архив во Софија по завршувањето на тековната изложба кон крајот на ноември, а посетителите ќе можат да ја видат до Божиќ.

Слични Објави