Улогата на ВМРО во спасувањето на Евреите*

///

Зошто Холокаустот не ја одмина Македонија?

Пишува: Владимир Перев

– Со активното учество на Владимир Куртев, член на ЦК на ВМРО, издејствуван е отповикот на наредбата за депортација на бугарските Евреи во логорите на смртта

– Долгогодишното српско ропство на територијата на Вардарска Македонија ја обезглави ВМРО и ја уништи единствената политичка сила која можеше да влијае за спасувањето на македонските Евреи

Историјата на Евреите на Балканот, а со тоа и во Македонија е релативно добро позната. Нема сомневања дека Евреи на територијата на Балканот се среќаваат уште од третиот век пред Христа, за нивниот број нагло да се зголеми во вториот век по Христа, по несреќното и неуспешно востание против Римската империја во времето на императорот Хадријан. По падот на Ерусалим, подоцна наречен Елија Капитолина, поголем дел Евреи по морски пат доаѓаат во Солун, за оттаму, по долините на Вардар и Струма да се населат на територијата на Балканот. Во 14. век, на Балканот се доселуваат изгонетите Евреи од Германските земји и од Унгарија, кои говорат нешто поинаков јазик, познати како Евреи – Ашкенази. Сепак, конечното и големо доселување на Евреите на Балканот се случува во 1492 и 1493 година кога на овие територии се населуваат изгонетите шпански и португалски Евреи – Сефарди. Нив султанот Бајазит со ферман им одобрува населување на територијата на Отоманската империја, а тие со себе ја носат својата култура, финансиска моќ и нивниот специфичен јазик – ладино, кој ќе остане нивно јазично обележје во текот на својот престој на овие територии. Во сите овие преселби едно од клучните места за нивното раселување на Балканот е градот Ќустендил, мало место во срцето на балканската територија, кое неколку века подоцна ќе се покаже пресудно за нивното натамошно опстојување.

ЕВРЕИТЕ ПОДДРЖУВАЧИ НА ВМРО

На Балканот, еврејските заедници живеат во релативно подносливи услови на национална и верска толеранција. Дури и повеќе; тие се почитувани и богати членови на општеството, за многумина од нив да земат учество во ослободителните борби на балканските народи против завојувачите. Од сите нив, како најзначајна личност се издвојува битолчанецот Рафаел Камхи, македонски илинденски и поилинденски револуционерен деец и близок пријател и соподвижник на познатите македонски револуционери и на ВМРО воопшто. И не е само тој; целата еврејска заедница во Солун застанува на страната на ВМРО во периодот на Младотурската револуција и непосредно по неа, а претставник на ВМРО и избран делегат од еврејската заедница во турскиот парламент е познатиот револуционер и општественик Димитар Влахов. Тоа и ја определува судбината на солунските Евреи во периодот што следува. Омразени од грчката заедница во Солун, тие ќе бидат предмет на малтретирања во целиот подоцнежен период, со намера да бидат иселени од овој град, за конечно во текот на Втората светска војна, грчката администрација да им ги предаде на Германците и да ги испрати во логорите на смртта. Тоа е и крајот на солунските Евреи, најбогатите, најобразованите и најреволуционерните Евреи на овој дел од Балканот.

Во меѓувреме, малата еврејска заедница во Ќустендил (не повеќе од 3.800 души) функционира слободно и непречена од никого. Тие се наоѓаат на крстопатот што води од Црно Море до албанските планини и од Дунав до Белото море. Живеат заедно со другите народности во тоа место, а некои од членовите на еврејската заедница се сомисленици на ВМРО, учесници во нејзините акции и значајни финансиски помагачи. Истовремено, Ќустендил претставува еден од главните пунктови на ВМРО за дејствување во Македонија, а претставникот на Организацијата во овој град, т.н. “пунктов началник” на ВМРО, е значајна политичка, па и полициско – безбедносна фигура во местото. Тој, пунктовиот началник на ВМРО, ја определува политиката на бугарската држава во ова место и од неговата волја и од волјата на Организацијата се креира политичкиот и општествениот живот на градот. Оваа состојба трае и функционира од почетокот на формирањето на ВМРО, па се до 19 мај 1934 г. кога со државен удар во Бугарија е укината парламентарната демократија и е забранета ВМРО. Само неколку месеци подоцна, повторно е воспоставена парламентарната власт во земјата но забраната за возобновување на ВМРО никогаш не е укината. Сепак, и покрај сево ова, ВМРО е фактичка власт во Ќустендил, а пунктовиот началник неприкосновена и почитувана личност.

Во јануари 1941 година, Царството Бугарија, како сојузник на Третиот рајх го носи срамниот и нечовечен Закон за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на етничките Евреи, граѓани на Царството Бугарија. Повеќето од членовите на парламентот и општествените личности во државата не се согласуваат со оваа отстапка кон своите германски сојузници, но немаат моќ поинаку да постапат. Истовремено, се донесува уредба со која на Евреите им се ограничува движењето, а некои од нив се распоредуваат во собирни логори и се упатуваат на принудна работа во внатрешноста на Бугарија, подалеку од очите на германските сојузници. Царот Борис е познат како пријател на Евреите, така што на некои од своите поблиски пријатели успева да им издејствува пасоши и тие си заминуваат за Турција, а оттаму за Америка. Некои од нив, Цар Борис лично ги испраќа на железничката станица во Софија.

Во истиот период поголем дел од Евреите што живеат во Независната Држава Хрватска на Анте Павелиќ, словенечките, босанско – херцеговските и српските Евреи во “независната” квислиншка Недиќева Србија се депортирани во логорите на смртта.

ВМРО ВО АКЦИЈА ЗА СПАСУВАЊЕ

Во март 1943 година станува јасно дека и бугарските Евреи, како и оние кои живеат на територијата на Македонија, во тоа време под германска окупација и администрирана од Царството Бугарија, нема да ги одмине сличната судбина. Ќустендилските Евреи први сфаќаат дека само со организирана акција раководена од значајни политички личности, можат да бидат спасени. Затоа еврејската заедница во Ќустендил се состанува со богатиот и угледен кожарски трговец Асен Сујчмезов, за да побара помош. За таа работа Сујчмезов веднаш се поврзува со Владимир Куртев, член на ЦК на ВМРО, близок пријател на Ванчо Михајлов, угледен професор по историја во ќустендилската гимназија и воедно пунктов началник на ВМРО во истото место. Кон нив се приклучуваат и Петар Михалев, адвокат и народен пратеник во бугарскиот парламент, како и Иван Момчилов, адвокат и исто така пратеник во парламентот.

Оваа група од четворица богати и почитувани граѓани на Ќустендил, во себе ги содржи сите контроверзи на тоа време. Асен Сујчмезов е најбогатиот меѓу нив. Студирал право на софискиот универзитет но никогаш не се занимавал со правна проблематика. Се вратил во Ќустендил за да го наследи огромното семејно богатство и долгогодишниот семеен бизнис. Петар Михалев и Иван Момчилов се пратеници во бугарскиот парламент и двајцата блиски кон политичкиот круг “Звено” и кон левите сили во Бугарија. Во суштина, и едниот и другиот се противници на ВМРО во периодот пред и по 19 мај 1934 г. Од друга страна, пак, Владимир Куртев е најдобар пријател на Ванчо Михајлов, еден од тројцата членови на ЦК на ВМРО и нивни политички противник во тој период. Вака политички различно ориентираната група ја сплотува само една мисла. Заштита на бугарските граѓани без оглед на нивната национална, верска или расна припадност. Овие четиримина истовремено формираат и Комитет за спас на бугарските Евреи и се организираат следниот ден со воз да заминат за Софија. Од најавените 40 граѓани на Ќустендил кои треба со нив да заминат во софискиот парламент, не доаѓа никој. На 8 март, рано наутро, четиримината со воз тргаат за Софија и одат во кабинетот на Димитар Пешев, адвокат од Ќустендил, во тоа време заменик претседател на бугарското собрание. Тој ги прима, го сослушува нивното барање и веднаш организира петиција потпишана од поголема група пратеници и доставена до претседателот на бугарската влада, Богдан Филов. За петицијата да нема антигермански карактер, неа ја потпишува и познатиот бугарски националист Александар Цанков, проверен пријател на Третиот рајх. Претседателот на владата Богдан Филов се обидува на секаков начин да го одбие приемот на петицијата, тврдејќи дека не знае за намерите на германските сојузници за депортирањето на Евреите. Меѓутоа, делегацијата има алтернатива. Едниот од членовите, адвокатот и народен пратеник Иван Момчилов е херој на Балканските војни и Првата светска војна. Тој е личен пријател со главниот командант на бугарската армија за време на Првата светска војна, генералот Никола Жеков, кој пак од своја страна е еден од најблиските и најпочитуваните луѓе на Адолф Хитлер во Бугарија. Судбината сакала во тој момент во домот на Никола Жеков во Софија да биде гостин маршал Фон Масов, кој бил воен аташе на германскиот Кајзер за време на Првата светска војна во штабот на Никола Жеков. Стариот Фон Масов дошол да го посети својот син кој бил функционер во германската амбасада во Софија во тоа време. Во разговорите со Жеков и Фон Масов, Иван Момчилов и Владимир Куртев, во името на ќустендилските граѓани и во името на ВМРО ја изложиле состојбата со Евреите во Бугарија, стоејќи цврсто на позициите дека бугарските граѓани не можат да бидат депортирани.



СУДБИНАТА НА СПАСИТЕЛИТЕ

Досега историјата не одговорила на прашањето кој ја одиграл главната ролја во спасувањето на Евреите од Бугарија. Се смета дека Фон Масов и Жеков интервенирале кај главниот командант на германските оружени сили генералот Бекерле и кај Цар Борис. Како и да е, уште истиот ден во доцните попладневни часови стигнала наредбата со која се забранува депортирањето на Евреите од Царството Бугарија вон нејзината територија. Со тоа еден дел од приказната завршува.

До крајот на својот живот генералот Никола Жеков и маршалот Фон Масов никогаш не проговориле за спасувањето на бугарските Евреи. Германскиот полициски аташе – претставникот на Гестапо во Бугарија, Хофман, во својот извештај до Главната управа на Гестапо во Берлин тврди дека бугарските Евреи не можат да бидат депортирани заради тоа што “треба да се познаваат овдешните услови и треба да се смета на тешкотиите на кои ќе се наиде при донесувањето на ваквата одлука”.

По завршувањето на Втората светска војна животниот пат на актерите на оваа драма е различен, но во суштина трагичен. Петар Михалев и Иван Момчилов живеат и работат во Ќустендил до својата смрт како почитувани граѓани, но безначајни политички личности. На богатиот Асен Сучмејзов бугарската отечественофронтовска власт му го конфискува целиот имот и тој како инвалид, болен од шеќерна болест, умира во Ќустендил, напуштен од сите. Единствено не го забораваат благодарните Евреи па кон крајот на неговиот живот израелската држава му одобрува минимална пензија. Потпретседателот на собранието Димитар Пешев е осуден од народниот суд и по пуштањето од затвор и тој извесен период од својот живот добива израелска пензија.

Најтрагична е судбината на Владимир Куртев, членот на ЦК на ВМРО. Факт е дека за акцијата на спасувањето на Евреите знаел Ванчо Михајлов и дека тој ја дал својата согласност за таа работа, со оглед на тоа што Владимир Куртев извесен период за време на Втората светска војна престојува во Загреб, каде што Михајлов времено живее со својата сопруга. По завршувањето на војната и социјалистичката револуција во Бугарија, Куртев е еден од ретките членови на ВМРО кои веруваат во можноста комунистите и членовите на ВМРО да функционираат заедно во новата Народна република. Подлажан од своите поранешни пријатели и сомисленици, гевгеличанецот Антон Југов, тогашен висок бугарски полициски функционер, како и монструозниот охриѓанец Лев Главинчев, тогашен актуелен шеф на тајната бугарска полиција, Владимир Куртев оди на средба со нив. Веднаш е уапсен, затворен и подложен на невидена тортура. Во поново време со отворањето на архивите, виделината на денот ја гледа и записникот од неговото сослушување. Интересно и индикативно е тоа што сослушувањето го водат бугарски полициски функционери но истовремено присуствуваат и Срби – офицери на ОЗНА во 1945 и 1946 г.! Тој е противник на српскиот експанзионизам во Македонија и никакви добри дела врз никого, па најмалку врз судбината на Евреите, не можат да ја одминат неговата трагична судбина. Ликвидиран е, веројатно жив запален, во возило во близина на Ќустендил, заедно со македонските патриоти Јосиф Марков и Коста Ризов. Со тоа судбината на ВМРО во повоениот период во Бугарија е запечатена.

МАКЕДОНСКИТЕ КОМУНИСТИЧКИ КОНТРОВЕРЗИ

Македонските Евреи не можел да ги спаси никој. Во Македонија не постоел ни општествен слој, ни политичка сила, ни меѓународни врски со доволно моќ да лобираат за нив. Дваесетгодишната српска окупација на Вардарскиот дел на Македонија, како и претходните исцрпувачки три војни на таа територија ја обезглавуваат македонската интелигенција и недозволуваат развој на македонското општество. Во тој момент единствената политичка сила во Македонија претставуваат остатоците на старата ВМРО, како и преживеаните членови на ММТРО (Македонската младинска тајна револуционерна организација) Димитар Ѓузелов, Димитар Чкатров, Коста Црнушанов и др. Меѓутоа, нивното влијание во бугарската држава е незначително и се сведува на почесни функции. Истовремено, Македонија не е фактички дел на Царството Бугарија. Окупирана од Третиот рајх, од Хитлерова Германија, Македонија е дадена на администрирање на бугарската држава, која со неа управува, но не владее. Трагичната судбина на околу 7.000 македонски Евреи, нивното депортирање во логорите на смртта, можела да биде одмината веројатно со нивното помасовно вклучување во Народноослободителната борба. Меѓутоа, ниту КПЈ, ниту партизанското движење во Македонија биле толку моќни да ја обезбедат нивната заштита. Впрочем, според одредени се уште не потврдени информации, група од околу 200 битолски Евреи, момчиња и девојки, излегле во пелистерската планина со желба да се борат против окупаторот, но биле вратени назад со образложение дека за нив немало оружје.

На релацијата управување-владеење постојат и куриозитети за личната судбина на поединци. Така, на пример, група млади припадници на СКОЈ и на КПЈ во Скопје вршат атентат врз агентот на бугарската полиција Мане Мачков. Еден од атентаторите е и Евреинот Бранко Фрицкан. Осуден на затвор од страна на бугарскиот суд тој ја одлежува својата затворска казна во Идризово. Депортацијата на Евреите го одминува со оглед на фактот дека како осудено лице на издржување на казна, потпаѓа под јурисдикција на бугарската држава и врз него не можат да се применуваат законите на Третиот рајх. По завршувањето на војната Бранко Фрицкан е угледен југословенски општественик.

Последните настани околу конференцијата по повод Холокаустот одржана неодамна во Стокхолм исфрлија на површина многу контроверзи и недоразбирања и тоа претежно инспирирани од бугарските и македонските историчари и политичари. Сепак, едно е факт: бугарската држава во рамките на своите можности и јурисдикција направи се и ги спаси сопствените Евреи. Малку се говори и за Евреите кои живееја на територијата на Грција, окупирана од Третиот рајх, а дадена на администрирање на грчките власти. И тие Евреи беа депортирани, а досега никој не се заинтересирал за нивната несреќна судбина.

Македонија не беше држава, немаше власт и не можеше да спаси никого, дури ни самата себе си. Ова дотолку повеќе што единствената политичка сила во Македонија, ВМРО, беше обезглавена и дезорганизирана. Оние кои дојдоа да владеат подоцна – припадниците на КПЈ, ниту беа во можност да направат нешто за македонските Евреи, ниту пак подоцна се погрижија за некакво подостојно одбележување на споменот за нивното живеење во Македонија.

*Текстот е напишан на неутврден датум во 2000 или 2001 г. во неделен број на вестникот Нова Македонија, со главен уредник Зоран Димитровски, во рубриката на уредникот Љубе Профиловски.



Претходна статија

Црната листа на Лудакот

Следна статија

Русофилот и антиваксер Јанко Бачев се пожали дека граѓанско здружение му поднело пријава за говор на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ

Најново од Истакнато