СИТИОТ НЕ МУ ВЕРУВА НА ГЛАДНИОТ, ШТО НЕ ВИ Е ЈАСНО?!
Нормално дека политичари, судии, министри и бизнисмени немаат никакво разбирање за работниците и сиромашните, зашто едноставно не знаат како е да си гладен, како е да се плашиш за своето здравје, за својата егзистенција, за иднината на своите деца, како е да немаш за сметки, и да крпиш од ден за ден, од месец за месец, итн. Не знаат како е да си обичен смртник, да немаш врски, привилегии и повластици, и твојот живот и твојот труд да е „потрошлив и заменлив“.
Овие и кога постат, постат со „мрсни“ јадења, порции толку скапи што за тие пари обичните смртници би јаделе неколку недели. Па уште некои свештеници им ги скокоткаат ушите дека ако донираат и изградат црква од дрво и камен ќе ги имаат Божјите благонаклоност и спасение. Во истите тие цркви угнетениот народ потоа го моли Бога за својот насушен леб, лебот што сите горенаведени на ваков или таков начин им го украле… Мерзост во очите Господови!
Можам да продолжам, но и не можам… Можеби ќе отидам предалеку, и ќе згрешам. Затоа, да не биде Филип зборувал вака или онака, само ќе го пренесам „поздравот“ на апостолот Јаков, братот Господов, за богатите:
„Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. Златото ваше и среброто ви за’рѓаа, и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за последните дни. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше…“ (Послание на Јаков 5:1-6)
Покајте се, друго не ви останува!
Автор: пастор Филип Иванов
